АНКАРА (АА) - Со оглед на тоа дека се приближуваат изборите во Турција, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа го појасни новиот претседателски систем на власта, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за време на заедничката специјална емисија во живо на турските канали „ATV“ и „A Haber“ на новиот аеродром во Истанбул, Ердоган откри што ќе донесе новиот систем.
„Во претседателскиот систем на власта ќе го намалиме бројот на министерствата на 16“, истакна Ердоган.
Потоа ги наведе министерствата кои ќе останат да работат, а тоа се: министерството за правда, за внатрешни работи, одбрана, образование, здравство, енергетика и природни ресурси, животна средина и урбанизам, култура и туризам, млади и спорт, трезор и финансии, сообраќај и инфраструктура, надворешни работи, труд, социјални служби и семејство, земјоделство и шумарство, индустрија и технологија, и за трговија.
Нагласувајќи дека новиот систем би требало да го поттикне раздвојувањето на власта, Ердоган изјави дека врската меѓу Владата и Парламентот ќе биде намалена.
„Во новиот систем, Владата би била овластена само да го поднесе парламентарниот нацрт за буџетот. Овластувањето за парламентарниот нацрт се однесува само на парламентарците“, изјави турскиот претседател.
Во однос на втората реформа во рамките на новиот владин систем, Ердоган изјави дека ќе бидат отворени четири значајни канцеларии.
„Во првата фаза, четири канцеларии за човечки ресурси, инвестиции, финансии и дигитална трансформација ќе носат голема одговорност во новиот модел, бидејќи ќе бидат речиси најблизок персонал до претседателот“, истакнува Ердоган.
Потоа се осврна на дирекциите кои ќе бидат воспоставени во новиот систем.
„И, секако, постојат дирекции кои ќе бидат поврзани со претседателот, а тука се во прашање осум дирекции“, изјави Ердоган, и ги наброи сите осум: Дирекцијата на генералштабот, Дирекцијата на националната разузнавачка служба, Дирекцијата за одбранбена индустрија, Советот за национална безбедност, Дирекцијата за верски работи, Државниот совет за надзор, Дирекцијата за комуникации и Дирекцијата за стратегија и буџет.
Претседателот на Турција ги спомена и промените во економијата во новиот модел.
„Економската администрација ќе биде поедноставена. Ќе го намалиме бројот на министерствата од сегашните шест на три. Оваа администрација ќе биде базирана на производство, финансии и трговија“, истакна претседателот.
Исто така, спомена девет совети кои ќе бидат воспоставени за да носат политички предлози и поднесуваат извештаи. Меѓу нив, меѓу останатите, се наоѓаат Советот за социјални политики, Советот за здравје и храна и Советот за уметност.
Ердоган нагласи дека до измените во системот на владеење дојде затоа што недостатоците на досегашниот модел го спречиле да го реализира поголемиот дел од она што го сакал.
„Она што е лошо во сегашната структура, кое понатаму го нарекувам ’бирократска олигархија‘ се операциите и процесите кои ни стојат на патот. Целта ни е со претседателскиот систем на власта да го исчистиме тој пат“, изјави претседателот на Турција.
За бројот на потпретседателите во новиот систем, според зборовите на Ердоган, ќе одлучуваат структурите во Парламентот.
Гласачите на гласачките места низ Турција ќе излезат на 24 јуни. Исто така, право на глас на претседателските и парламентарните избори, имаат повеќе од 3 милиони Турци кои живеат во странство.
На претседателските избори учествуваат шест кандидати, а на парламентарните, осум политички партии.
Ердоган е претседател на Турција од 2014 година, претходно беше премиер од 2003 до 2014 година. Доколку повторно биде избран в недела, ќе стане првиот претседател на Турција во новиот претседателски систем на власта, кој од гласачите е одобрен на референдумот, одржан во април 2017 година.