Yeşim Sert Karaaslan,Yıldız Nevin Gündoğmuş
30 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека економската инфраструктура на Турција е доволно силна да се ослободи од моменталните превирања, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секако дека постојат структурни проблеми во економијата на Турција кои треба да се решат. Свесни сме за тоа и се обидуваме тоа да го решиме. Се надевам дека ќе ги победиме и овие превирања. Економската инфраструктура на Турција е доволно силна да се ослободи од моменталните превирања. Нашата економија сигурно ја има таа сила", рече Ердоган во обраќањето во Анкара на церемонијата на доделувањето на наградите во областа на медиумите за 2017 година.
Истакна дека промените низ кои поминува Турција се почувствувале и во областа на медиумите во оваа земја.
„Верувам дека денеска во однос на претходните времиња имаме поизбалансирани медиуми кои во своите вести и извештаи се однесуваат со повеќе почитување кон вистинити настани и факти", рече Ердоган.
Напомена дека некого вознемирува, како што рече, чесна и сеопфатна политика која ја води Турција.
„Тоа всушност е и вистинската причина зошто во последните пет години толку се насочиле на нашата економија. Откако не успеаја да ги испровоцираат нашите заедници и земјата да ја воведат во хаос, тогаш со помош на терористички организации почнаа однадвор да се вплеткуваат", рече турскиот претседател додавајќи дека сега се обидуваат по економски пат да извршат притисок врз Турција.
„Сите ќе видите дека Турција не е без алтернатива. Ние сме земја која нашите односи ги гради не на едностран профит, туку на заеднички користи", рече Ердоган.
Турскиот претседател по обраќањето им ги додели наградите на најдобрите новинари и медиумски куќи во таа земја.
На церемонијата на доделување на наградите присуствуваа и сопругата на турскиот претседател Емине Ердоган, бројни турски министри како и познати личности од културниот и јавниот живот на Турција.