Ekipa
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган одржа говор на меѓународната средба на правобранителите во Националниот конгрес и културен центар во Бештепе во кој истакна: „Правото, уставот и законите не беа протолкувани со иновативен, помирувачки и објективен пристап, туку со целосен идеолошки пристап и пристап статус-кво. Ако погледнеме наназад од денешната позиција на Турција, може да се каже дека ова се далечни настани, кои се случија пред многу години. Меѓутоа, ова не се настани со непознат датум, туку настани што се случија пред само 3-5 години. Бидете сигурни дека доколку не стоевме исправено, и ако не ги ставевме нашите тела под камен, тогаш во Турција немаше да се спроведе ниту 1/10 од тоа што се направи во државата“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се занимаваме и со игрите на оние што сакаат да ловат во магла и што целата своја надеж ја врзуваат за кризата и за хаосот“, рече Ердоган и продолжи: „Се надевам дека со целосната ликвидација на остатоците од туторството на ФЕТО, уште повеќе ќе се отвори патот за иднината на Турција“.
Во врска со борбата против ДЕАШ, Ердоган изјави: „Ние ја водиме борбата против ДЕАШ, но Западот вели: ’Турција ја поддржува ДЕАШ’. Во моментов ние ја водиме борбата против ДЕАШ, наши војници загинаа во Сирија. Загинаа и војници на Слободната сириска армија, но во Сирија усмртивме околу 3.000 припадници на ДЕАШ. Ќе продолжиме со ова, бидејќи тие претставуваат закана за нас“.
- „Ќе продолжиме да ги примаме како гости луѓето што бегаат од оружје и бомби“ -
„Моментално во нашата држава има 3 милиони бегалци од Сирија и од Ирак, ним им ги отворивме вратите. Досега потрошивме околу 26 милијарди долари. За жал, ниту ЕУ, ниту Комесаријатот за бегалци при ОН не си го одржаа зборот. И да ветат и да не ветат, ние ќе продолжиме да ги отвораме вратите за оние што бегаат од оружјето и од барел бомбите“, истакна Ердоган.
Тој понатаму рече: „Горките настани што се случуваат во последните години, додека горат Алепо, Багдад и Мосул, покажаа дека Газиантеп, Брисел и Берлин не ќе можат да бидат спокојни“.
„Ако е така, тогаш се знае што треба да се прави. Се знае кои се решенијата што ќе спречат Медитеранот да се претвори во голема гробница, која проголта десетици илјади бегалци. Ние велиме дека доколку нема жртвување, доколку не се сподели товарот и доколку не се промени овој редослед на крвава експлоатација, нема да се надмине проблемот со бегалците и со мигрантите. Велиме дека политиките што ги подгреваат етничките, верските и секташките тензии и ги потикнуваат судирите во име на економска корист, не се излез од проблемите“.