İlker Girit
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
БЕРЛИН (АА) - Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, денес ја откажа планираната посета на Германија, откако локалните власти ја повлекоа дозволата за состанокoт, каде што тој требаше да се обрати на турската заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг упати остра критика до германските власти за откажување на состанокот во краток временски период, кој беше закажан за денес во јужниот германски град Гагенау.
„Неприфатливо е тоа што германските власти не дозволуваат собир на турската заедница, додека тие секогаш даваат лекции за човековите права, демократијата и владеењето на правото и слободата на изразување, и критикуваат за недостатоците во овие области", истакна тој пред новинарите во Стразбур, Франција.
Боздаг рече дека по денешниот инцидент тој одлучил да ја откаже планираната средба со својот германски колега Хеико Маас, кој побарал средба со него.
„Јас ја откажав средбата со министерот за правда на Германија, по откажувањето на собирот во Гагенау. Оваа средба нема да се случи, ние ќе се вратиме во Турција", истакна Боздаг.
Турскиот министер за европски прашања, Омер Челик, исто така, остро ја критикуваше Германија, велејќи дека одлуката на германските власти е јасно попречување на демократско право, што не треба да биде случај во европските демократии.
Тој го спореди овој потег со идеолошкиот Берлински ѕид кој ги дели луѓето, и ги руши мостовите меѓу демократиите.
„Таквите одлуки ќе бидат победа за расистите, и пораз за оние што се посветени на вредностите на слободниот свет", додаде тој.
Портпаролот на претседателот на Турција, Ибрахим Калин, рече: Донесувањето на оваа скандалозна одлука во земја која не ги гони терористичките организации како ПКК и ФЕТО е загрижувачка за иднината на Европа.
„Вистинското лице на оние кои се обидуваат да и држат лекции на Турција за демократијата и слободата на изразување јасно испливува на површина со ваквите одлуки", додаде тој.
Мустафа Јенероглу, претседател на Анкетната комисија за човекови права при турскиот Парламент, изјави дека не очекувал такво нешто да се случи во Германија, којашто себеси се нарекува замок на слободата на изразувањето.
Општината Гагенау ја повлече дозволата за средбата претходно денес под изговор за загриженост од пренатрупаност. Настанот беше во организација на Унијата на европски турски демократи.