Enes Kaplan
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
МУШ (АА) - Денеска во Муш, град во источниот дел на Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган порача дека неговата земја застанала на нозе и дека никој нема да го спречи нејзиниот понатамошен подем, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојуваше во градот Муш, во источниот дел на Турција, каде што одржа говор на церемонијата по повод одбележувањето на годишнината од битката кај Малазгирт во 1071 година.
Во своето обраќање пред граѓаните, претседателот Ердоган истакна дека султанот Алпарслан со победата кај Малазгирт пред 946 години, направил чекор со кој Анадолија станала вечна татковина.
„Оние кои не ја учат својата историја, таа ќе им се повтори. За жал, нашата победа кај Малазгирт долго време беше заборавена. Но, иако ја заборавија оние кои ја водеа државата, народот никогаш не го заборави Малазгирт”, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека не е лесно да се биде голема, силна и просперитетна држава.
„Затоа мораме да се бориме против оние кои ја напаѓаат нашата земја, а во исто време, уште повеќе да инвестираме, произведуваме, извезуваме, вработуваме и на тој начин да продолжиме со нашиот развој”, порача Ердоган и додаде:
„Треба да знаете дека Турција застана на свои нозе. Што ѝ да направите, нема да ви успее да го спречите нејзиниот понатамошен подем”.
Претседателот Ердоган нагласи дека Турција на 15. јули се борела со оние со кои се борел и Османгази, Султан Мехмет Фатих, Абдулхамид, Гази Мустафа Кемал...
„Играта и целта се исти, само се различни сценариото и фигурите. Во таа игра, терористичката организација ФЕТО е пион. ПКК, ЈПГ, ПЈД, ДЕАШ, сите тие се само пиони. Сите се средства користени од силите кои ги вперија очите кон Турција. Во таа насока, нашата борба не е само против пионите, туку и против оние кои ги користат пионите”, рече претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.