Beyza Binnur Dönmez
30 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денес изјави дека и покрај барањето на Велика Британија за повторно отворање на преговорите за Договорот за Брегзит, постигнатиот договор за повлекување од ЕУ не е отворен за преговори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Договорот за Брегзит е и ќе остане најдобар и единствен начин да се обезбеди уредно повлекување на Велика Британија од Европската Унија“, истакнува Доналд Туск во соопштението пренесено од неговиот портпарол Пребен Аман.
„Резервната клаузула е дел од договорот за повлекување и договорот не е отворен за повторни преговори“, додаде тој, осврнувајќи се на мерките за избегнување на цврстата ирска граница.
Британскиот Парламент синоќа на премиерката Тереза Меј ѝ даде мандат за преговорање за алтернативните договори со ЕУ за избегнување на физичка граница.
Туск истакна дека ЕУ ја поздравува и ја споделува амбицијата на Парламентот за избегнување на „сценарио без договор“, додавајќи: „Ние продолжуваме да апелираме до Владата на Велика Британија да ги разјасни своите намери во врска со следните чекори што е можно поскоро“.
Тој нагласува дека продолжувањето на член 50 - дел од договорот според кој Британија ја напушта ЕУ - може да се земе предвид.
Тој, исто така, рече дека ЕУ ќе продолжи со подготовките за сите видови на исход, вклучувајќи и сценарио без договор. „Ние ќе го продолжиме процесот на ЕУ за ратификација на договорот постигнат со Владата на Велика Британија“, рече тој.
- Гласање во Парламентот -
Вчера во Парламентот со 317-301 гласови беше усвоен амандманот за алтернативни договори на Велика Британија со Европската Унија.
Британската премиерка Тереза Меј подоцна соопшти дека постои начин преку кој може да се добие значително и одржливо мнозинство во Парламентот за напуштање на ЕУ со договор.
Амандманот бара разграничувањето со Северна Ирска да се замени со алтернативни договори со цел да се избегне поставување физичка граница, да се поддржи напуштањето на ЕУ со договор.
Ѓраѓаните на Велика Британија одлучија да ја напуштат ЕУ по повеќе од 40 години членство, на референдумот во 2016 година.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март.