Muhammet Kurşun
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Претседателот на Иран, Хасан Рохани, рече дека земјата се соочува со најголем економски притисок по револуцијата во 1979 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Рохани и иранскиот лидер Али Хаманеј, по повод 40-годишнината од револуцијата во Иран, во главниот град Техеран го посетија гробот на ајатолахот Рухулах Хомеини. Во своето обраќање за време на посетата, претседателот Рохани се осврна на санкциите што САД ги воведоа за Иран.
Рохани истакна дека последната војна што САД ја отворија против Иран започна во јануари 2018 година, додавајќи дека таа, сепак од политички, правен и психолошки аспект била неуспешна, како на регионално, така и на меѓународно ниво. „Се соочуваме со најголем економски притисок по револуцијата. САД ќе бидат совладани и во економската војна, со трудот, пожртвуваноста и отпорот на народот“, рече Рохани.
Тој повтори дека освен неколку земји, целиот свет е против САД и го поддржува Иран. „САД не се само против Иран, тие ги надминаа границите и против Европската Унија, Кина и Договорот на Северноамериканската зона за слободна трговија (НАФТА). Тоа не треба погрешно да се толкува“, изјави Рохани.
Рохани истакна дека генерално, проблемите со кои се соочува Иран потекнуваат од притисоците предизвикани од администрацијата на Вашингтон и нејзините следбеници.
Посочувајќи дека никогаш нема да биде загубен политичкиот, моралниот и правниот успех на преговорите, Рохани продолжи со зборовите: „Никој нека не вели дека САД седнаа на преговарачка маса со Иран, но не го одржаа зборот. Во основата на преговорите всушност се важни принципите, а не до каде спротивната страна ќе се придржува до дадениот збор.“