Ivana Ramadanova
15 Февруари 2016•Ажурирај: 16 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот од јануари до декември минатата година, во Македонија престојувале 816.067 туристи, што е за 10,9 проценти поголем број на туристи споредено со истиот период од лани, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Стопанската комора велат дека статистиката покажува дека според класификацијата, домашните туристи во 2015 година во однос на истиот период лани имаат пораст од 6,5 проценти а кај странските зголемувањето е за 14, 2 проценти. Бројот на ноќевања во истиот споредбен период во просек е зголемен за 9,0 проценти, кај домашните туристи за 6,0 проценти а кај странските за 12,3 проценти.
„Најголемиот број на туристи кои доаѓаат да ја посетат Македонија се од Турција, потоа следуваат туристите од Грција, Србија, Холандија и Бугарија. Од први јануари годинава за гостите кои доаѓаат со чартер лет од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција и Шпанија субвенциите се зголемуваат од 25 на 65 евра по лице. За туристите од Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија, пак, зголемувањето е од 25 на 35 евра”, изјави Даниела Михајловска Василевска.
Со цел да се најдат решенија за веќе наталожените проблеми во секторот туризам и угостителство, како значаен сегмент од вкупната домашна економија, бизнис секторот бара решение за стимулирање на растот на бројот на домашни туристи, намалувањето на прометот од ноќевања, масовна понуда од хотелски објекти.