Admir Fazlagic
20 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање во Собранието информираше дека Северноатлантскиот совет, соопшти дека точката за покана на Македонија за членство во НАТО е прифатена, јавува Anadolu Agency (AA).
„Северноатлантскиот совет денеска донесе едногласна политичка одлука, точката за покана на Македонија за членство во НАТО да биде прифатена, со што, во најава е и покана за Република Македонија за полноправно членство во НАТО“, изјави Заев.
Тој рече дека ова е историски чекор за државата и изрази уверување дека на 11 и 12 јули на Самитот на НАТО во Брисел ќе биде потврдена оваа денешна одлука за прифаќање на точката за покана на Македонија во НАТО, што, според неговите зборови е вековна аспирација на многу генерации.
„Во тоа име сакам да им се заблагодарам на помалубројните етнички заедници во Македонија. На Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и другите што покажаа солидарност, државнички однос кон нас Македонците, како најголема заедница во државата. Сите овие етнички заедници, за ова прашање, ја чувствуваа државата како своја, имаа разбирање за сите аспекти и тоа е потврда за државотворниот карактер на сите заедници во нашата заедничка Република Македонија“, истакна Заев.
Во своето обраќање премиерот Заев им се заблагодари на политичарите од претходните владејачки гарнитури, но и на министерот Никола Димитров и неговиот тим експерти, како и на актуелните министри во Владата и на сите кои биле директно вклучени во целиот овој процес за постигнување на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија.
Тој, исто така, изрази благодарност и на опозицијата и на претседателот Ѓорге Иванов и рече дека е оптимист и очекува и тие да се придружат на македонската иднина. Најави дека по ратификацијата на Договорот следуваат референдумот, уставните измени, ратификација во грчкиот Парламент, но и фокус на Владата на економијата и другите потребни реформи.
Потсетуваме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во изминатите денови го поздрави постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција околу спорот за името, и истакна дека на овој начин се отвори патот на Македонија кон членство во НАТО.