Tanju Özkaya
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Под засилени безбедносни мерки, во Анкара денес пред суд беа изведени обвинетите за учество во јулскиот обид за државен удар во Турција, кој беше изведен од страна на терористичка организација ФЕТО, а меѓу вкупно 221 обвинет се припадниците на т.н. „Совет за мир во земјата“ кои го договорија планот за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за обвинети за случувањата во седиштето на Генералштабот на турската армија на 15 јули минатата година, а пред судиите, меѓу другите, ова утро седнаа и главните протагонисти на ФЕТО, Акин Озтурк, Мехмет Партиѓоч и Мехмет Дишли.
Првото рочиште пред 17. Кривичен суд во Анкара беше организирано во судницата на кампусот на Казнено-поправниот завод „Синџан“.
Почетокот на судењето го следат голем број медиумски екипи, а турските безбедносни сили презедоа засилени мерки за безбедност.
Само во судницата и околу неа се ангажирани 1.500 припадници на безбедносните сили.
Комплексот во кој се одржува рочиштето претходно беше прогласен за забранета зона за летови, а денес дополнително се зајакнати мерките за надзор на небото над судницата. На покривите од зградите околу судницата се распоредени десетици снајперисти, кои исто така ја надгледуваат областа.
Пред кампусот се собраа голем број граѓани кои бараат најстрога казна за обвинетите терористи на ФЕТО, а турската полиција презема дополнителни мерки за безбедност, со цел да се држат настрана демонстрантите од конвојот што на судењето ќе дојде со роднините на обвинетите.
Демонстрантите носат турски знамиња и плакати со пораки како „ФЕТО убијци“.
Граѓаните, исто така, кога поминуваа членовите на ФЕТО придружувани од припадниците на безбедносните сили, фрлаа јажиња со извици дека казната за предавство на татковината и убиство на својот народ, треба да биде смртна.
Предводена од Фетула Ѓулен, терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрираните членови во рамките на институциите, во јули минатата година се обиде да изврши воен удар во Турција, при што загинаа најмалку 249 луѓе.
Турција веднаш потоа започна масовна борба против оваа организација, која беше основана пред неколку децении под плаштот на верските принципи, злоупотребувајќи ги верските чувства на луѓето заради остварување на своите терористички планови.
Главниот збор во изведувањето на предавничкиот обид за државен удар го имаа членовите на ФЕТО во воената структура на Турција, кои тогаш го заробија началникот на Генералштабот на турската армија, генералот Хулуси Aкар, и го окупираа седиштето на Генералштабот.