Sefa Mutlu
20 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Специјалниот известувач за Франција Жоел Гариауд Мајлам предупреди на нови терористички практики во кои терористите сè повеќе користат оружје и експлозив во нивните напади, но и сè поголемото учество на жените во терористичките активности, јавува Anadolu Agency (AA).
Мајлам им се обрати на учесниците на сесијата „Цивилни димензии на безбедноста“ која се одржа во рамките на 62. заседание на Парламентарното собрание на НАТО во Истанбул.
Истакнувајќи дека НАТО се обидува да продре во новите практики и методи кои ги користат терористите, Мајлам особено го истакна проблемот на регрутирање и испраќање на странски борци на боиштата во Сирија и во Ирак.
„Гледаме дека терористите имаат криминално минато. Овој факт бара да ги ревидираме своите стратегии за борба против тероризмот“, рече Мајлам.
Потенцирајќи го глобалниот карактер на тероризмот како закана за мирот, Мајлам рече дека за борбата против оваа закана потребна е меѓународна соработка, но и финансиски средства за кои повеќе слух треба да имаат националните парламенти на земјите.
Истакнувајќи дека тероризмот мора да се победи и да се исече од корен, Мајлам рече дека меѓународната заедница не успеа да формира коалиција на почетокот на проблемот во Сирија.
Претставникот на турскиот Парламент во Парламентарното собрание на НАТО, Ајдин Унал, исто така им се обрати на присутните и истакна дека Турција е земја која во истовреме се бори против сите видови на тероризам и терористички организации.
„Во извештајот кој ни беше претставен под наслов нацрт на заедничките реакции против тероризмот постојат информации за ДЕАШ, но не сум видел ниту една реченица за терористичките организации ПКК и ЈПГ. Тероризмот не се само оружените напади, тој исто така има и свои политички, финансиски, медиумски и други димензии. Без такво разбирање на тероризмот е невозможно да се спроведе ефикасна борба против овој проблем. Ние не можеме да се бориме против глобалниот тероризам, доколку го занемариме се тероризмот надвор од ДЕАШ. Не постојат добри и лоши терористи“, рече Унал.