Иванов во посета на најкритичните точки од поплавите во околината на Скопје
Претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за жрвите од невремето, како и за повредените, одавајќи дека на терен се 400 припадници на АРМ и 300 полицајци кои поделени по региони им помагаат на локалните жители. Ivana Ramadanova
07 Август 2016•Ажурирај: 08 Август 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од градоначалникот на градот Скопје и на општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, денеска попладне беше во посета на најкритичните точки во околината на Скопје кои беа погодени од поплавите минатата ноќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за жрвите од невремето, како и за повредените, одавајќи дека на терен се 400 припадници на АРМ и 300 полицајци кои поделени по региони им помагаат на локалните жители.
Тој апелира граѓаните да помогнат и на веќе отворените пунктови да донираат вода, храна, бидејќи како што нагласи, сега е момент за хуманост. Иванов истакна дека ќе биде прогласен и ден на жалост, а ќе се отворат и жиро сметки каде ќе може да се донираат финансиски средства за санирање на штетите.
"Досега ваква непогода не се случила. Штетите се огромни, но тие ќе се надоместат, а изгубените животи не може да се вратат. Ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега тоа е најнеопходно. Летен период е, можни се многу непријатности. Понудена е медицинска помош, како и помош од сите институции. На најпогодените места каде моментно се наоѓаме, уништени се многу домови, како и инфраструктура", изјави Иванов.
Претседателот Иванов нагласи дека како врховен командант презема се што е во негова надлежност и така ќе продолжи, институцијата Претседател максимално ќе се ангажира во рамки на нејзините ингеренции.
Според градоначалникот на Град Скопје, клучна причина поради која се предизвикани огромни штети во Стајковци и Црешево е конфигурацијата на теренот.
"Неколку сливни подрачја доаѓаат токму на овој дел. Од огромната количина дожд, голем дел е истурен во овие подрачја. Нема начин на кој човек може ова да го предвиди и да се спаси од вакво нешто", истакна Трајановски.
Тој посочи дека полицијата и војската работеа цела ноќ и дека се сеуште на терен, додавајќи дека ангажирани се сите ресурси, механизацијата, цистерни.