Cuneyt Davut,Besar Ademi
25 Мај 2016•Ажурирано: 26 Мај 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Група на десетици активисти кои работеа во Идомени пред иселувањето на бегалците од импровизираниот камп во Идомени, во знак на револт против трансферот на бегалците во другите кампови го блокираа главниот пат Евзони-Солун, јавува Anadolu Agency (AA).
Според нив, иселувањето на бегалците од кампот во Идомени во другите кампови не е решение, туку единственото решение е да се отворaт границите, што ќе им овозможи на бегалците да го продолжат своето патување кон европските земји.
Активистот Агдам Јонас рече дека не протестираат против иселувањето на бегалците од Идомени, туку поради несоодветен третман на бегалците во цела Грција.
„Одлуката на грчките власти не е добро решение за бегалците, бидејќи тие немаат перспектива за својата иднина. Тие не знаат што ги очекува по ова, можеби со години ќе останат во кампови во Грција и тоа е навистина ужасно чувство“, рече Агдам за АА.
Активистката Кејт Чепел истакна дека единствен начин за решавање на прашањето со бегалците е да се отворат границите и бегалците да го продолжат своето патување кон подобра иднина.
„Условите во воените кампови каде што се иселуваат бегалците не се добри. Се вели дека условите се подобри отколку во Идомени, но имам информации дека не е точно", рече Чапел.
По кратко време, грчките полициски сили стигнаа на местото на настанот и на мирен начин активистите ги тргнаа од автопатот кој го имаа блокирано.
Овие два дена грчките власти успеаа да префрлат повеќе од половина од бегалците сместени во Идомени во други кампови изградени во северниот дел на земјата, но некои бегалци одбиваат да се преселат во други кампови и пеш патуваат до импровизираните кампови во близина на Идомени.