Ekipa
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
РАМАЛА (АА) - Израел во 2017 година присвои околу 1.000 хектари палестинско земјиште, уништи 500 згради и изгради осум нови еврејски населби, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот на Палестинскиот истражувачки центар за земјиште (LRC), Израел го присвоил палестинското земјиште за воени цели и со цел изградба на еврејски населби на Западниот Брег и Источен Кудс (Ерусалим).
Во Извештајот, исто така, забележани се 900 инциденти со насилство и напади на израелските сили во џамијата Ал-Акса во Источен Кудс.
Според израелските и палестинските правни институции, активностите за еврејското доселување на Западниот Брег и во Источен Кудс се зголемени за трипати во 2017 година, во однос на претходната година.
Движењето „Мир сега“ соопшти дека израелската влада одобрила изградба на 1.982 домови во 2015 година, 2.629 домови во 2016 година, а оваа бројка е зголемена на 6.500 домови во 2017 година.
Израелскиот министер за јавни работи и домување, Јоав Галант, на 24 декември објави план за изградба на 300.000 нови домови во Источен Кудс под називот „Домување во земјата на обединетиот Ерусалим, главниот град на Израел“.
Активностите за изградба на еврејски населби на Западниот Брег и во Источен Кудс се сметаат за една од најважните препреки во израелско-палестинските мировни преговори, кои беа прекинати во април 2014 година.
Израелската влада, под водство на премиерот Бенјамин Нетанјаху, неодамна ја забрза изградбата на еврејските населби на Западниот Брег и во Источен Кудс.
Се истакнува дека Израел на Западниот Брег воспоставил 131 населба, 10 во Источен Ерусалим и 116 во подрачјата на Ридот на Западниот Брег од 1967 година.
Се вели дека Израел сака да го зголеми бројот на доселениците на Западниот Брег до еден милион за краток временски период, додека половина милион жители во моментов живеат во еврејските населби на палестинска територија и 220.000 во населбите во Источен Кудс.