Ekipa
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ТУБАН (АА) - Најмалку 23 лица загинаа откако избувна пожар на голем брод со туристи кои патуваа кон островите северно од индонезискиот главен град, 17 други се исчезнати, а над 200 се спасени, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Националната агенција за справување со кризи, денес изјави дека тројца од жртвите претходно биле однесени во блиската болница, додека "20 загинати биле пронајдени во бродот откако бродот бил пренесен во пристаништето Муара Анке" во Џакарта.
Сутопо Пурво Нугрохо во соопштение наведува дека имало околу 210 преживеани, а 17 луѓе се водат за исчезнати. Тој претходно за АА изјави дека туристичкиот брод во утринските часови отпловил од Џакарта на пат кон островот Тидунг.
Шефот на противпожарната служба на северна Џакарта, Сатриади Гунаван, изјави дека неговите службеници примиле пријава за настанот во 08:46 изутрина (0146GMT) по што веднаш биле испратени тимови на местото на настанот.
Тројца членови на екипажот на бродот се однесени на распит во полиција.
Според Гунаван, пожарот можеби избил како резултат на електричен спој, но истрагата за причините продолжува. Тој, исто така, истакна дека бродот бил пренатоварен.
Во Индонезија морскиoт сообраќај е распространет, а морските несреќи се честа појава кои се предизвикани од пренатрупаноста и лошите безбедносни услови.