Canberk Yüksel
10 Септември 2017•Ажурирај: 10 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика сите граѓани од загрозените делови на сојузната американска држава Флорида да побрзаат и што побрзо да се тргнат од патот на разорниот ураган Ирма кој во наредните часови ќе го погоди тој американски регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот центар за следење на урагани во САД јавува дека Ирма е деградирана во трета категорија, но и понатаму претставува сериозна закана, бидејќи станува збор за ветер со брзина од 195 километри на час.
Вчера во Флорида и во соседните сојузни држави беше извршено масовно евакуирање на жителите.
Утринава во местото Флорида Кис веќе се регистрирани ветрови со брзина од околу 100 километри на час.
Десетици илјади лица се згрижени во засолништа, а милиони жители на Флорида се замолени да го напуштат тој регион.
Ураганот Ирма во врвот на својата сила беше категоризиран во петата категорија, и во таа фаза ги погоди Карибите.
Трамп одржа состанок на кабинетот во Кемп Дејвид и ги повика сите жители на Флорида да соработуваат со надлежните служби кои вршат евакуација.
„Само тргнете ѝ се од патот на Ирма. Целиот имот се надокнадува, но животите не, и затоа безбедноста е најважна“, порача Трамп.