Sorwar Alam
18 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, денес во Анкара изјави дека Турција ја следи избалансираната надворешна политика меѓу Истокот и Западот, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на состанокот со претставниците на меѓународните медиумски организации, Калин изјави дека членството на Турција во НАТО не ја спречило официјална Анкара да воспостави блиски односи со Русија, Кина или со некоја друга земја.
„Надворешната политика не ја гледаме како игра нулта сума. Зближувањето со Русија не мора негативно да се одрази на нашите односи со САД и Европа. Исто така, тоа што сме НАТО сојузници не значи дека во потполност ќе ги прекинеме односите со Русија, Кина, африканските земји или со Латинска Америка“, изјави Калин.
Тој истакна дека Турција за некои прашања дели слични ставови со Русија, додека за други со САД и со ЕУ.
„Во постоечките околности, невозможно е да се ограничи надворешната политика на еден блок. Наместо тоа, ние ја следиме избалансираната политика меѓу Истокот и Западот. Освен тоа, развојот на настаните во економијата и во безбедноста нѐ принудува да усвоиме поширока перспектива“, изјави Калин.
Портпаролот на турскиот претседател Ердоган, исто така се осврна и на иднината на односите на релација Турција – ЕУ, и истакна дека не е постигнат посакуваниот замав во преговорите за членство во ЕУ.
„Доколку ЕУ трпи поради умор од проширување, нека знаат дека Турција е исто така уморна и огорчена бидејќи процесот на пристапување не напредува“, изјави Калин.
Тој повтори дека ЕУ треба допрва да ги исполни своите обврски кон Турција преземени со потпишувањето на договорот за бегалците во март 2016 година, и додаде дека прашањето за безвизниот режим би можело да се реши доколку Европската комисија даде разумна понуда.
Анкара и Брисел на 18 март минатата година потпишаа договор со цел да се спречи илегалната миграција во Европа, во замена за финансиска потпора на Турција за потребите за згрижување на сириските бегалци и укинување на визите за нејзините државјани.
Договорено е и Турција да ги забрза преговорите за пристап со ЕУ и за помошта во згрижувањето на милионите бегалци да добие вкупно шест милијарди долари, од коишто досега се исплатени 677 милиони евра.