Zülfiya Yakup
04 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - На повикот на опозициското движење „Самоопределба” да се протестира против договорот за демаркација на границата со Црна Гора, пред Собранието на Косово се собраа неколку десетици активисти и граѓани, во времето кога започна пленарната седница на Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателот на движењето, Дардан Сејдиу изјави дека не треба да се дозволи демаркацијата со Црна Горе да биде ставена на дневен ред во Собранието и да има гласање. Тој на собраните им рече дека 8.200 хектари земја нема да бидат подарени, и дека демаркацијата може да се направи, но со нова комисија што ќе ги брани интересите на Косово.
Владата на Косово утрово го усвои нацрт-законот за ратификација на договорот за државната граница помеѓу Косово и Црна Гора. Влада објасни дека законот треба да се процесуира колку што е можно побрзо бидејќи од него зависи либерализацијата за граѓаните на Косово и процесот на европските интеграции на Косово.
Исто така, кажано е дека Владата денеска го проследува тој нацрт-закон до Собранието во редовна процедура, а на Собранието е да одлучи кога ќе биде одржана седницата за демаркација.
Засега, во Собранието не станало збор за ставање на демаркацијата на дневен ред и се очекува дека во текот на следната недела Собранието ќе дискутира за демаркацијата.
Одлуката на Владата доаѓа само ден по маратонската, целодневна, професионална научна дебата за прашањето на демаркацијата на границите помеѓу Косово и Црна Гора, организирана од претседателството на Собранието на Косово, а која не ги приближи ставовите на власта и опозицијата по тоа прашање.
Опозицијата тврди дека со тој договор Косово губи повеќе од 8.000 хектари земјиште на самата граница околу Чакор, кој според нив треба да му припадне на Косово, а не на Црна Гора.
Парламентот на Црна Гора веќе го ратификуваше Договорот за граничната линија со Косово.