Admir Fazlagic
18 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија и Европската Унија, по пауза од две години, денес во Брисел го одржаа 13. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација (СА), на кој беше заклучено дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува во сржта на односите меѓу ЕУ и Република Македонија, сѐ додека земјата не стане членка на Унијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
На состанокот, Македонија ја претставуваа вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, додека во име на ЕУ, со состанокот ко-претседаваа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.
По состанокот, во заедничката писмена изјава на учесниците се наведува дека Советот за стабилизација и асоцијација потсети оти Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ДСА) останува во сржта на односите меѓу ЕУ и Република Македонија, сѐ додека земјата не стане членка на Унијата.
„Советот за СА се осврна на главната цел на земјата да ги отвори преговорите за пристапување и ја потврди силната посветеност на новата влада за оваа цел“, се вели во заедничката изјава.
На состанокот се разговараше за „Планот 3-6-9“, кој содржи краткорочни, среднорочни и долгорочни планови и мерки што треба да ги спроведе Владата. Напредокот во спроведувањето на задоцнетите реформи поврзани со ЕУ, почнувајќи од спроведувањето на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, ќе биде важна основа за понатамошна дискусија од страна на Советот на Европската Унија“, се истакнува во изјавата.
Советот за СА ги разгледа клучните случувања во текот на претходниот период во врска со исполнувањето на политичките критериуми, како и состојбата во врска со економските критериуми, финансиската соработка и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Во однос на политичките критериуми, според изјавата, Советот за СА бил информиран за клучните политички случувања во Македонија. СА ја поздрави намерата на новата влада да ги реши нерешените прашања за реформи на инклузивен, транспарентен и кохерентен начин. СА потсети на важноста владата, заедно со опозицијата да ги спроведува своите обврски од договорот од Пржино и итните реформски приоритети.
„Се разговараше за потребата за утврдувње одговорност во врска со прислушувањето и за насилните настани во Собранието од 27. април, да се обезбеди судска независност, слобода на медиумите, слобода на говорот, почитување на човековите права и реформи на јавната администрација.“
Советот за СА повика на повеќе долгорочни мерки за градење доверба на политичко ниво, како и повеќе проактивни политики за понатамошно зголемување на довербата и изградба на мостови меѓу заедниците во државата.
„Советот за СА потсети дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински и ги поздравија првите чекори што ги презеде новата влада во таа насока. Поздравено е и активното учество на земјата и конструктивниот пристап во иницијативите за регионална соработка“, пишува во изјавата.
Меѓу другото, Советот на СА ги потврди напорите на земјата за решавање на предизвикот на европската миграција и бегалска криза и изрази надеж дека заемно корисната соработка ќе продолжи и во иднина.