Rahmi Gündüz
14 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Доналд Трамп вчера се состанаа во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Макрон на прес-конференција изјави дека дели исто мислење со американскиот претседател Трамп во врска со прашањето за борбата против тероризмот, ситуацијата во Сирија, Либија и во регионот Сахел во Африка, но сѐ уште има разлики во ставовите по прашањето за глобалното загревање.
„Ја делиме одлучноста во врска со многу прашања. Сепак, постојат разлики во ставовите во врска со многу мал број прашања, вклучувајќи го и прашањето за глобалното загревање“, изјави Макрон.
Тој особено нагласи дека Франција со САД цврсто го дели ставот во врска со борбата против тероризмот во светот.
Трамп во обраќањето пред новинарите упати пофални зборови за францускиот претседател.
„Господине Макрон, Вие сте одличен претседател, голем лидер сте“, изјави Трамп, особено пофалувајќи го неговиот став кон либералната економија.
Трамп изрази почит кон иницијативата на францускиот лидер да бидат отстранети биократските пречки за дополнителен развој на трговијата и економијата.
Тој додаде дека и неговата земја се залага за истиот модел на економско управување.
„Франција и САД одамна се сојузници. Нашите две земји од почетокот се меѓусебно поврзани со вредностите на слободата. Врските меѓу двете земји се неуништливо силни. Нашите односи се навистина одлични“, изјави Трамп.
Трамп утринава слета во главниот град на Франција, каде што ќе престојува вчера и денес. Претседателот на САД ќе присуствува на одбележувањето на Денот на Бастиља и сеќавањето на 100-годишнината од вклучувањето на американската војска во Првата светска војна.