Ömer Aydın
12 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека во рацете има докази дека во Сирија е користено хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за локалната телевизија TF1, Макрон порача дека во рацете има докази дека силите на сирискиот претседател Башар ал Асад во минатонеделниот напад врз Дума, во Источна Гута, користеле хемиско оружје.
Потсети и на фактот дека сириските жени и деца умирале во многу лоши услови, останувајќи без воздух.
„Во Сирија мораме да осигураме почитување на меѓународните права“, порача Макрон, напоменувајќи дека треба да се обезбеди стабилност во регионот.
Макрон порача дека Франција нема да дозволи зголемување на тензиите во регионот.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, на 7 април изведоа жестоки напади врз дистриктот Дума во Источна Гута и убија повеќе од 70 цивили.
Локалната цивилна заштита информираше дека во нападите се користени бомби со отровни гасови.
Светската здравствена организација (СЗО) наведе дека меѓу загинатите, 43 смртни случаи се поврзани со симптоми од изложеност на отровни хемикалии.
Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите приврзаници, со воздушна поддршка од страна на Русија, на 19 февруари започнаа акција за заземање на Источна Гута, која е под контрола на опозицијата.
Оттогаш се изведени бројни напади на подрачјето на кое живеат околу 400.000 цивили.
Во нападите животот го загубија голем број цивили, а сѐ поинтензивните напади, ги принудија цивилите да побараат заштита во засолништата и подрумите.