Senada Ibraimova
16 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беше одбележан Денот на толеранцијата преку дебатата „Дијалогот меѓу цивилизациите и предизвиците на толеранцијата во дигиталната ера“, јавува Anadolu Agency (AА).
Дебатната конференција ја отвори претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, со својот поздравен говор.
Фити во обраќањето пред присутните рече дека МАНУ е храм на науките и уметностите и оти одбележувањето на Денот на толеранцијата е нејзино право и должност.
Според Фити, овој ден, е ден на човековото достоинство. Тој рече дека Македонија е мултикултурно општество за кое историјата нѐ учи оти, од дамнина на овие простори живееле луѓе со различна национална, етничка и религиозна припадност, кои во одредени периоди живееле во мир и во заемна соработка.
Но, исто така, тој истакна дека поновата историја е сведок на пројавувањето и практикувањето на екстремен национализам, шовинизам, нетолеранција, дискриминација, насилство и слично, кои никогаш, никому не му донеле добро.
Земајќи ја за пример македонската политичка ситуација, Фити рече дека Македонија се наоѓа во сериозна политичка криза и дека тоа се манифестира преку амонизитет и антагонизам што се јавува меѓу политичките партии. Според него, тие не треба да се доживуваат како непомирливи непријатели, туку да соработуваат.
„Тие треба да се натпреваруваат врз основа на идеите што ги пласираат, програмите што ги пласираат, а на тој начин граѓаните да можат да оценат на самите избори за кого ќе го дадат гласот“, истакна Фити.
На конференцијата се обрати и академик Владо Камбовски, кој истакна дека ние како општество сме во една историска смисла повикани да бидеме толерантно општество, затоа што, како што рече тој, кај нас толеранцијата не е некое формално прокламирано начело, туку произлегува од самата наша колективна меморија и влегува во нашата национална самобитност и структура.
„Македонскиот народ живеел во толеранција на овие простори заедно со албанскиот, со турскиот, со српскиот и со сите други народи на Балканот, значи без недоразбирања, исто така во тешки времиња, луѓето зборувале на повеќе различни јазици, но најважно е дека се разбирале. Најтешка е ситуацијата кога луѓето зборуваат на еден ист јазик, а не се разбираат. А таква ситуација изгледа имаме денес, особено меѓу политичките партии“, истакна Камбовски.
Споредн него, треба да се вложат сите напори и да има отворен дијалог за да се поправи таквата состојба. Тој додаде дека МАНУ во духот на толеранцијата ги етаблира односите на блиска соработка со академиите од соседните држави, кои претходно се сметале за тврдини на нетолеранцијата, како што се Бугарската и Српската академија.
На конференцијата, краток говор со проследни дебати ќе имаат професори од универзитетите во Албанија и Македонија.
Оваа година, МАНУ заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по петти пат го одбележува 16. ноември, Денот на толеранцијата.