Yusuf Hatip
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, истакна дека за нормализирање на односите со режимот на Асад, предуслов е да се изнајде „политичко решение под покровителство на Обединетите нации“, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини во своето обраќање во Брисел на отворањето на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ и Арапската лига го истакна следното: „Примирјето во Сирија може да се постигне исклучиво со политичко решение во рамките на „преговори под покровителство на Обединетите нации“.
„Ќе ја продолжиме поддршката кон земјите што се домаќини на голем број мигранти од Сирија“, рече Могерини, информирајќи дека Третата конференција за Сирија во Брисел ќе се одржи од 12 до 14 март.
Осврнувајќи се и на израелско-палестинскиот проблем, Могерини рече: „За да се спречи пропаѓањето на решението за дводржавност, го делиме мислењето дека е потребно изнаоѓање патишта со цел тоа повторно да заживее.“
Министрите на ЕУ и Арапската лига имаат подготвителен состанок пред лидерскиот самит закажан за 24 и 25 февруари во Брисел. Копретседатели на состанокот се високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, генералниот секретар на Арапската лига, Ахмет Ебулгејт, и министерот за надворешни работи на Судан, Ел-Дирдири Мухамед Ахмед.