Cüneyt Karadağ,Bahattin Gönültaş
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека не сакаат повторно да преговараат за договорот на Британија со Европската комисија за нејзиното излегување (Брегзит) од Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Не е на дневен ред повторното преговарање за договорот за Брегзит“, рече Меркел на прес-конференцијата по средбата со јапонскиот премиер, Шинзо Абе, за време на нејзината посета на Јапонија.
„Сакаме да направиме сѐ што е можно да нема Брегзит без договор“, рече германската канцеларка, истакнувајќи дека ќе се зголеми неизвесноста ако се случи Брегзит без договор.
„Треба да сме креативни. На оваа тема треба да се слушаме едни со други“, нагласи таа.
- Посетата на Меркел во Јапонија
Од друга страна, Меркел се наоѓа во посета на Јапонија, која е еден од најважните трговски партнери на Германија, откако на 1 февруари стапи на сила трговскиот договор помеѓу ЕУ и Јапонија.
Треба да се наведе дека Меркел и Абе го бранат меѓународниот поредок, којшто беше темелно разнишан по трговските спорови меѓу САД и Кина. Двете економии, што се базирани на извоз, се очекува да соработуваат со цел да не се зголемат споровите во глобалната трговија.
За време на посетата, во делегацијата на Меркел се наоѓаат главните директори на германските гигантски компании „Сименс“ и „Баер“. Се очекува двајцата лидери да разговараат за управувањето со глобалните податоци и за одбраната. Премиер Шинзо Абе, на Г-20 во Давос, каде што Јапонија претседаваше со состанокот, вети дека ќе се посвети на работата за управување со глобалните податоци.
Јапонските компании ја гледаа Британија како порта кон Европа, но по Брегзит се очекува тоа да се смени. Јапонија е трета, а Германија е четврта по големина економија во светот. И двете земји имаат голем глобален удел на пазарот за производство на автомобили. Исто така, Германија и Јапонија, од страна на американскиот претседател Доналд Трамп беа критикувани поради наводно неплаќање доволно пари за одбраната. Според податоците на Светската банка, Јапонија троши околу 1 отсто од бруто домашниот производ за одбраната, а Германија троши 1,2 отсто.
- Трговски договор помеѓу ЕУ и Јапонија
На 1 февруари во сила стапи трговскиот договор меѓу ЕУ и Јапонија, кој беше потпишан по 4-годишни преговори.
Според трговскиот договор, голем дел од данокот од 1 милијарда евра што секоја година го плаќаат компаниите од ЕУ за извоз во Јапонија ќе биде елиминиран.
Откако целосно ќе се имплементира договорот, за 97 отсто од производите што Јапонија ќе ги увезува од ЕУ нема да се плаќа царина.