Aliia Raimbekova
06 Февруари 2017•Ажурирај: 06 Февруари 2017
АСТАНА (АА) - Во главниот град на Казахстан, Астана, завршија преговорите на делегациите на Турција, Русија и Иран за формирање на трилатералниот механизам за надзор и јакнење на спроведувањето на примирјето во Сирија, јавува Аnadolu Agency (AA).
Преговорите беа водени во Воениот музеј во Астана, а шефот на руската делегација, Станислав Гаџимогамедов рече дека е разговарано за заедничкиот механизам за ефикасно спроведување и следење на прекинот на огнот, кој беше договорен на 30 декември минатата година во Сирија, со посредство на Турција и Русија.
Тој додаде дека е разговарано и за начините како да се спречат провокациите што доведуваат до кршење на примирјето.
„Разговаравме и за изградбата на меѓусебната доверба и за доставување помош во сите делови на Сирија. Делегациите ја повторија подготвеноста да споработуваат на воспоставувањето на примирјето во Сирија“, рече Гаџимогамедов.
На преговорите присуствуваше и делегација на Обединетите нации (ОН).
На иницијатива на Турција и Русија, на 23. и 24. јануари во Астана се одржа состанок на кој се разговараше за воспоставување мир во Сирија, а на преговорите присуствуваа делегации на режимот на сирискиот претседател Башар Ал-Асад, на вооружените опозициски групи, како и делегации од Турција, Русија, Иран и од САД.
На овој состанок беше договорено да се формира трилатерален механизам со којшто ќе се надгледува спроведувањето на прекинот на огнот во Сирија, така што Турција ќе биде гарант за почитување на примирјето од страна на опозицијата, додека Русија и Иран од страна на силите лојални на сирискиот режим.