Dzihat Aliju,Admir Fazlagic
06 Јуни 2016•Ажурирај: 26 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – ЏИХАД АЛИУ/АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Најстарата жена-хафиз во Македонија, 87-годишната Мерјем Ебиби, со копнеж ги бара поранешните Рамазани.
Како во Османлискиот период, така и по него, Македонија продолжи да биде пионер на хафиската традиција на Балканот. Мерјем Ебиби, една од седумтте деца на хафиз Ибрахим Ефенди, сестра на почитуваниот хафиз Идриз Ефенди, како дел од едно старо скопско семејство, со обучување на десетици хафизи, даде значаен придонес во продолжувањето на оваа традиција.
Ебиби, која скопјани ја знаат како „Мерјем абла“, давала часови по Куран во својот дом и има обучено десетици хафизи, а повеќе од илјада ученици научи да го читаат Куранот.
Иако нејзиниот сопруг бил Албанец, Ебиби постојано зборувала турски, како што вели „за да не се заборави турскиот јазик“. Во разговор за АА таа носталгично раскажа како се живеело за време на месецот на постот во старо Скопје.
За својот „татичко“, како што го нарекувала својот покоен татко, хафиз Ибрахим Ефенди, Мерјем Ебиби со очи полни солзи ни рече дека бил многу строг родител, но и покрај тоа, благодарение на него, имале многу добар живот.
Поради притисоците на комунистичкиот режим за време на стара Југославија, Ебиби рече дека татко ѝ им забранувал да излегуваат надвор.
„Татко ми беше многу строга личност. Не ни дозволуваше да излегуваме ниту во нашата улица. Јас бев малку послободна. Ќе излезев на улица, но штом ќе го забележев дека доаѓа, веднаш ќе се приберев дома. Не дознаваше дека сум излегла надвор. Нашите родители нè немаат допрено ниту еднаш“, ни раскажа Ебиби.
Бидејќи во тоа време превезот бил забранет, таа истакна дека на гости оделе веднаш по утринската молитва, додека сè уште немало никој, а се враќале по вечерната молитва кога веќе било темница. Истото го правеле и луѓето кои доаѓале кај нив на гости.
- Со години обучува хафизи -
Ебиби има голем придонес во обуката на десетици хафизи (ученици кои наизуст го знаат Куранот). И денеска со радост се присеќа на учениците кои ги учела Куран.
„Каде и да отидете во Скопје, ќе сретнете мои ученици. Поради здравствени причини повеќе не сум во состојба да обучувам. Порано имав ученици колку што можеше да собере мојата соба“, истакна таа.
Со копнеж во мислите, Ебиби ги спомнува поранешните месеци на пост, на поминатите рамазани во Скопје. Нејзиниот покоен татко успеал да им постави струја за време на Светите ноќи, што и покрај сиромаштијата во тоа време, во голема мера им го олеснило животот.
„За време на месецот на постот - Рамазан, Скопје го обземаше празнично расположение, во секоја џамија групно се читаше Куранот“, раскажа Ебиби.
„Во џамијата на татко ми, Куранот го читаа шест хафизи. Неколкупати и баба ми ја носевме на групно читање на Куранот. Ги посетувавме џамиите Медах, Мурат Паша, Јогуртчулар, Јахја Паша. Се надевам дека хафизите секогаш ќе постојат“, изјави Ебиби.
Ебиби смета дека на новите генерации би им причинувале задоволство доживувањата за време на Рамазан во минатото.
„Шетајќи од куќа во куќа, набљудувавме како ги прават рамазанските лепчиња. Секаде имаше сач врз оган. Беше многу убаво. Иако татко ми беше многу нервозен, за време на Рамазан гласот не му се слушаше. И чаршијата живнуваше за време на месецот на постот. Ефендиите шетаа по чаршијата и по завршувањето на трговијата, се враќаа дома. Од куќите глас не се слушаше“, ни раскажа Ебиби.
Во разговорот со скопјанката, хафиз „Мерјем абла“, можеше да се забележи нејзината скромност, која неколкупати за време на нашиот разговор велеше „О Алаху, не успеав да ти се заблагодарам на твојата благонаклоност“.
На крајот од разгворот, таа на сите припадници на муслиманската вероисповест им посака пријатен пост во месецот Рамазан.