СКОПЈЕ (АА) - На вечерашната седница на Собранието на Република Македонија со 96 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, пратениците ги усвоија измените на Изборниот законик по скратена постапка, со кои се предвидува укинување на членовите со кои се предвидуваше одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни, а при тоа, со измените, предложени од страна на пратеникот на ДУИ Талат Џафери, не се предвидува нов датум за одржување на избори, јавува Anadolu Agency (AA)
Со изгласаните измени од Изборниот законик, се одложија изборите на неопределено време, а истовремено се укинуваат и забраните за радиодифузерите, печатените и електронските медиуми за „емитување, односно објавување реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања. Односно, со измените се враќаат владините реклами, се додека не се дефинира нов датум за избори.
Седницата помина во расправа и меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од власта и опозицијата. Пратениците од власта тврдат дека опозицијата со своето сценарио ќе ја втурне државата во поголема и подлабока криза како и дека поради нискиот рејтинг се залагаат за одложување на изборите. Од друга страна, пратениците од опозицијата се со став дека се потребни создавање на услови за одржување на фер, демократски и кредибилни избори, како и повлекување на одлуката за аболиција од страна на претседателот Иванов. Пратениците на ДУИ, колаициониот парнтер во Владата на Република Македонија, излегоа со став дека денешната одлука на уставниот суд е историско решение кое се издигна над партиските рамки, а ќе понуди опција за развој на демократијата. Помеѓу другото, од ДУИ побара од партиите од македонскиот блок да се ангажираат за повлекување на одлуката на претседателот Иванов за аболицијата.
Претходно, Собранието на Република Македонија ги констатираше и оставките на министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици министри за финансии Кире Наумов, за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Присутните пратеници на седницата, на предлог на премиерот за спроведување на предвремените избори Емил Димитриев, за нови членови на Владата ги избра Митко Чавков, за внатрешни работи и Диме Спасов, за труд и социјална политика.
Премиерот Димитриев во образложението посочи дека на ова се решил по одлуката на Уставниот суд и предложените измени на Изборниот законик.
Инаку, претседателот на Собранието ја закажа оваа седница по денешната едногласна одлука на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Парламентот од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.
news_share_descriptionsubscription_contact
