Hasan Tosun
22 Септември 2016•Ажурирано: 23 Септември 2016
БРАТИСЛАВА (АА) - Турската државна новинска агенција Anadolu Agency (АА) и словачката државна новинска агенција ТАСР го обновија договорот и ја проширија соработката.
На конференцијата на Европската алијанса на новински агенции (ЕАНА) во Братислава, се обнови договорот од 1999 година меѓу АА и ТАСР.
Договорот, кој опфаќа и проширување на областите на соработка меѓу двете агенции, го потпишаа заменикот генерален директор на АА, Мустафа Озкаја и генералниот директор на ТАСР, Јарослав Резник.
Според потпишаниот договор, двете агенции ќе можат да разменуваат вести (информации), фотографии и видеоматеријали. Материјалите што АА ќе ги презема од ТАСР, ќе може да ги дели на своите претплатници низ светот и обратно.
Заменикот генерален директор на АА, Озкаја, во изјавата што ја даде по потпишувањето на договорот рече дека АA ја проширува својата меѓународна соработка и распространетоста во светот.
Истакнувајќи дека најголем развој на соработка има на Балканот, а особено во Источна Европа, Озкаја рече: „Оваа врска што ја воспоставивме со словачката новинска агенција ќе го консолидира споделувањето на информации, вести, фотографии и видеоматеријали. Договорот што го потпишавме ќе помогне информациите од кај нас да стигнат до тука и до целиот свет и обратно“.
- „Важен чекор во избегнувањето на лажна пропаганда“ -
Озкаја изјави дека на конференцијата, на раководителите на агенциите им ги пренел информациите во врска со обидот за државен удар од страна на ФЕТО, како и дека во врска со ова можат неограничено да шират (преземаат) информации, фотографии или видеоматеријали.
„Реков дека многу ќе бидеме задоволни ако споделат информации, вести, фотографии или видео во врска со обидот за државен удар“, нагласи Озкаја.
Тој нагласи дека се надева оти ова ќе биде соработка не само меѓу двете агенции, туку и меѓу двете општества. „Направивме голем чекор во насока на ширење на турската агенда и превенција од лажна пропаганда“.
- „Многу сум задоволен“ -
Генералниот директор на словачката новинска агенција, Јарослав Резник, ја изрази својата благодарност поради потпишувањето на договорот со една ваква важна агенција како АА.
„Многу сум задоволен од почнувањето на една ваква соработка. Посакувам да имаме брз и продуктивен процес“, рече Резник.
Првиот договор за соработка меѓу двете агенции беше потпишан во 1999 година.
- Книгата за обидот за државен удар од страна на ФЕТО – подарок за Резник -
По потпишувањето на договорот, заменикот генерален директор на АА, Озкаја му ја подари книгата „Што се случи на 15. јули – Чекор по чекор за обидот за државен удар од страна на ФЕТО“ и книгата со наградени фотографии на натпреварот организиран од страна на АА, Истанбул фото авордс 2016 (Istanbul Photo Awards 2016).
На конференцијата што ќе трае до утре, се дискутира за безбедноста на новинските агенции во дигиталниот свет.
Раководителите на агенциите кои присуствуваат на оваа конференција го овековечија моментот фотографирајќи се покрај реката Дунав, пред споменикот на словачкиот астроном и водач во формирањето на Чекословачка, генерал Милан Растислав Стефаниќ.