Dzihat Aliju
28 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
ОХРИД (АА) - Во организација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), а во соработка на Универзитетот „Гази“, Универзитетот „Ајдин“ од Истанбул и Универзитетот „Адијаман“, денес во Охрид се одржа завршната церемонија на Семинарот за интерна обука на наставниците, кои предаваат на турски јазик на ученици од прво до петто одделение во училиштата низ Македонија, кој започна на 26 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, во изјава за медиумите истакна дека овој семинар е важен од аспект на регулативите, промените и последните случувања во педагошката област, како и во насока на тоа како треба да се спроведува образованието на турски јазик. Според него, семинарот е значаен и од аспект на користењето на турскиот јазик во семејството и општеството.

Ајден рече дека присуството на турскиот јазик е значајно за нивните сонародници во овој регион.
„Целта беше да ја подигнеме свеста околу тоа, и да создадеме единство со учество на наставниците кои доаѓаат од сите места од Македонија, со цел да се даде поддршка од научен аспект, како и од аспект на мотивација“, додаде тој.
Со оценувањата кои ги направиле, нагласи Ајден, сметаат дека во иднина ќе добијат повратни инфорамции во насока на тоа што може да се направи во Македонија за наставата на турски јазик.
Тој потсети дека во овие рамки организирале и симпозиум.
„Во рамките на симпозиумот, разговаравме со нашите наставници кои предаваат на турски јазик за тоа што недостасува, како може да им се помогне на нашите сонародници од правен аспект, и во насока на исполнување на недостатоците во правото за образование. Според тоа, од повратните информации на наставниците, дознавме дека сериозно сме дале придонес во оваа насока“, рече Ајден.
Ајден нагласи дека во наредниот период ќе реализираат слични активности и за стручните наставници.
Доц. д-р Фахри Темизјурек, професор на одделот за Туркологија на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Гази“ од Истанбул, упати благодарност до ТИКА, и рече дека ова е многу убаво искуство за нив.
Темизјурек рече дека се обиделе на колегите во Македонија да им ги пренесат нивните знаења и искуства кои ги имаат во областа на јазикот, културата и образованието.
„Балканот е исклучително значаен регион од аспект на образованието на турски јазик. Дел од нашите наставници делумно се образувале во Турција. Со нив ги споделивме нашите знаења за новите методи и технологии, од аспект на јазикот и методологијата. Тие беа многу среќни, исто како и ние“, додаде тој.
На семинарот учествуваа 190 наставници, кои потоа, на крајот на оваа програма, се стекнаа со сертификат.