Ekipa
03 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
СКОПЈЕ (АA) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој придружуван од владина делегација престојува во официјална посета на Израел, оствари средба со израелскиот претседател Руевен Ривлин, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Постои искрено пријателство со Македонија и меѓу граѓаните на двете држави. Република Македонија и Република Израел немаат отворени прашања. Затоа има можности за интензивирање на соработката“, заклучено е на средбата, се вели во соопштението на Владата на Република Македонија.
Израелскиот претседател Ривлин ги поздравил демократските промени во Македонија и реформските аранжмани на новата влада, кои отвораат можности за односите меѓу двете земји.
„Владата е насочена кон обезбедување квалитетен живот на граѓаните и кон мотивација на младите да останат да работат и да живеат во родната земја. Интеграциите во ЕУ и НАТО и продлабочувањето на односите со пријателските држави, како со Израел, многу ќе придонесе кон тоа“, истакнал на средбата премиерот Заев.
Тој потенцирал дека искуствата на Израел на безбедносен и на економски план се многу битни, и ќе бидат земени предвид од страна на новата македонска Влада.
„На средбата е изразена заедничка определба за активностите кон заштитата на светскиот мир. Исто така, договорени се чекори за економско поврзување на двете земји“, стои во соопштението.
Според најавеното, премиерот Заев денес ќе има обраќање во Израелскиот совет за меѓународни односи, како и на бизнис-форумот во Ерусалим, во организација на Владата на РМ.
За утре е предвидено премиерот Заев да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Владината делегација што го придружува премиерот Заев во Израел е составена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.