Adel Ömeragiç,Zülfiya Yakup
18 Март 2016•Ажурирај: 19 Март 2016
ПОДГОРИЦА/ПРИШТИНА - Принцот од Велс и војвотката од Корнвил допатуваа денес во посета на Црна Гора, во рамките на балканската турнеја која ја започнаа со посета на Хрватска и Србија. Тие со највисоки државни почести се пречекани од страна на претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Вујановиќ и принцот Чарлс ќе одржат билатерален состанок по што брачниот пар ќе го посети Владиниот дом, а на Цетиње ќе имаат можност да присуствуваат на Фестивалот на храна и пијалоци каде што ќе бидат изложени производи од традиционалната црногорска кујна.
Принцот Чарлс во Подгорица ќе се сретне и со претседателот на парламентот Ранко Кривокапиќ и премиерот Мило Ѓукановиќ. За тоа време војвотката Камила ќе го посети УНИЦЕФ.
Пред завршувањето на посетата, за членовите на кралското семејство ќе биде организиран свечен прием, чиј домаќин ќе биде потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски интеграции Игор Лукшиќ.
Посетата на Црна Гора е дел од нивната балканска турнеја којашто ја започнаа со посета на Хрватска и Србија.
Во вечерните часови принцот Чарлс со својата сопруга, војвотката Камила, ќе допатуваат во дводневна посета на Косово.
Британската кралска двојка ќе преземе широк спектар на активности во Косово за поддршка на процесот на помирување и меѓурелигискиот дијалог, но и за напорите на луѓето од Косово и Велика Британија со цел да се изгради подобра иднина за Косово, се вели во соопштението од британската амбасада во Косово.
Како што соопштува амбасадата тие ќе ѝ се придружат на претседателката Јахјага на церемонијата посветена на исчезнатите лица во и после војната, принцот Чарлс во Призрен ќе учествува на меѓурелигискиот дијалог во организација на Владата на Косово. Планирана е и посета на штабот на КФОР во Косово.
Војвотката Камила заедно со претседателката Јахјага ќе ги посети жртвите на сексуално насилство со цел запознавање со предизвиците со коишто се соочуваат во потрага по правда а ќе ја посети и невладината организација “Ideas Partnership”, за да се запознае како им се помага на загрозените групи.