Ivana Ramadanova
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, на денешната прес-конференција ја презентира најновата алатка за отчетност за трошоците на министрите, замениците-министри, државните секретари, генералниот секретар и на претседателот на Владата на РМ, јавува Anadolu Agency (AA).
Поповски информираше дека Владата на последната редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за реализацијата на одлуката со која ги задолжи министрите, замениците-министри, државните секретари, генералниот секретар и претседателот на Владата на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци, направени во рамките на првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година.
„Ова е исполнување на нашето ветување пред граѓаните и е само уште една активсност во реализација на концептот на одговорна, отворена и транспарентна власт. Овој чекор е чекор повеќе до нашата определба. Нула толеранција за корупција и расипништво“, истакна Поповски.
„Целосниот увид во овие трошоци“, како што рече Поповски, „јавноста во Република Македонија ќе го има преку алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.“
Според него, софтверот дозволува лесно да се пребарува низ сумите кои ги трошеле функционерите и да прави споредба на трошоците на државните службеници по типови на трошоци и во различни временски периоди.
„Помалку од двојно државни пари во првите шест месеци потрошиле функционерите на оваа Влада во однос на функционерите на претходната Влада, по преземањето на нивните функции во 2014 година. Владата предводена од Зоран Заев, за шест месеци потрошила вкупно 21.890.462 денари. Владата на Никола Груевски за истиот период потрошила 44.909.835 денари. Разликата изнесува 23.019.373 денари. Толкава е заштедата на парите на граѓаните за само шест месеци и само од работењето на овие шеесетина функционери“, истакна Поповски.
Тој додаде дека софтверот за споменатата алатка овозможува и следење на т.н. „наративен“ опис, односно не само суво презентирање на сумите, туку и на намената на трошење, како што се службените патувања, организирањето состаноци итн.