Abdula Berisha
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Холандија во Скопје, Вилем Ваутер Пломп, истакна дека владеењето на правото и особено отчетноста се многу важни прашања за државата што ја претставува, кога е во прашање интегративниот процес на Република Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Вилем Ваутер Пломп беше дел од прошетката со велосипеди организирана на територијата на скопската општина Чаир, каде што беше прашан од новинарите околу ставот на Холандија во врска со евроинтеграциите, како и за можноста за разделување на пакетот Северна Македонија-Албанија, односно одлучување за секоја држава одделно.
Амбасадорот Пломп рече дека е тешко да се каже дали ќе има заедничко или одделно одлучување, истакнувајќи дека Европскиот совет треба едногласно да ги донесе овие одлуки.
„Ние отсекогаш јасно сме кажувале веќе подолго време дека владеењето на правото е тоа што нè загрижува најмногу и особено прашањето на отчетноста. Мислам дека минатата недела, исто така, јасно рековме дека многу од реформите се преземени од Владата, за што ѝ честитаме на Владата, ѝ честитаме многу и за Договорот за името со Грција“, рече Пломп, алудирајќи на Преспанскиот договор.
Пломп објасни дека кога се споменува владеењето на правото, се мисли на Специјалното обвинителство, за коешто рече дека направило добра работа при истражувањето на корупцијата во високите редови, за што рече дека е од исклучителна важност.
Холандскиот амбасадор рече дека е важно да се најде начин за интеграција на Специјалното обвинителство во Јавното обвинителство на Северна Македонија, „до некаде задржувајќи ја независноста која го направи успешно“.
Поради фактот што донесувањето на Законот за Специјално обвинителство бара 2/3 од гласовите во Собранието на Северна Македонија, амбасадорот Пломп апелираше до сите засегнати страни кои „сакаат Северна Македонија да ги започне преговорите“, да изнајдат решение кога е во прашање Специјалното обвинителство.
Потсетуваме, Специјалното обвинителство како институција е основано врз основа на политички договор постигнат во 2015 година меѓу четирите политички партии и со посредство на меѓународната заедница. Надлежност на оваа институција е да ги истражи прислушуваните разговори, врз основа на кои има индиции за вмешаност на високи функционери во многу коруптивни афери и злоупотреба на службената должност.