Fatma Bülbül
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Референдумот за предлог-уставните реформи во Турција ќе се одржи на 16 април, а денес започна гласањето на турската дијаспора во неколку европски земји. Процесот на гласање на турската дијаспора ќе биде завршен на 9 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските државјани кои живеат во Германија, Австрија, Белгија, Франција, Швајцарија и во Данска, денес излегуваат на избирачките места коишто се отворени во градовите во тие земји.
Денес исто така се отворени и гласачките места на аеродромите во Турција, каде што дијаспората може да гласа.
Гласањето во дипломатските претставништва на Турција во другите земји ќе биде отворено и во наредните неколку дена, а процесот ќе биде завршен до 9 април.

Околу три милиони турски државјани во дијаспората имаат право на глас, а избирачки места ќе бидат отворени во 120 дипломатски канцеларии, во вкупно 57 земји.
Во Турција, право на глас имаат 55,3 милиони регистрирани избирачи кои за предложената уставна реформа и за воведување претседателски систем на управување во таа земја ќе се изјаснат на денот на референдумот, на 16 април, до кога и гласовите од дијаспората ќе бидат доставени во Турција.
Предлогот на уставните реформи, кој содржи вкупно 18 точки, ја помина парламентарната процедура во јануари оваа година. Реформата предвидува поголемо овластување за претседателот на државата, му овозможува да остане член на политичка партија, додека позицијата премиер ќе биде укината. Сите полнолетни граѓани ќе можат да се кандидираат за место во државниот Парламент.