Sena Güler
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
РИЈАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија истакна дека новинарот Џамал Кашоги бил убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул, и дека престолонаследникот, принцот Бин Селман, не знаел за тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Престолонаследникот [Мухамед бин Селман] го негираше ова, тој не знаеше за тоа. Тоа е нечесна операција“, рече саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал Џубеир, за „Фокс њус“ (Fox News).
Кашоги последен пат е виден на 2 октомври кога влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По денови негирање дека има некакви сознанија за него, Саудиска Арабија во саботата соопшти дека Кашоги починал за време на расправија во Конзулатот.
Ал Џубеир истакна дека ниту еден од вмешаните во убиството на Кашоги немал блиски врски со престолонаследникот.
„Ова е операција каде што поединци ги надминале одговорностите што ги имале, направиле грешка со убиството на Џамал Кашоги во Конзулатот и се обиделе да го прикријат тоа“, рече тој.
На прашањето како 60-годишен колумнист им се спротивставил на 15 припадници на безбедносни сили, Ал Џубеир рече: „Не верувам дека сите 15 припадници биле во Конзулатот кога се случило тоа. Ние го испитуваме секој поединечен припадник на тимот. Се обидуваме да дознаеме како се собрале“.
Според турски полициски извори, на денот на исчезнувањето на Кашоги, 15 Саудијци, меѓу кои и неколку официјални лица, пристигнале во Истанбул со два авиона и го посетиле Конзулатот додека Кашоги сè уште бил внатре. Оттогаш, сите идентификувани поединци ја напуштиле Турција.
Тој, исто така, одговори на тврдењето на американски пратеник кој рече дека е сигурен дека престолонаследникот бил „вмешан и тој го наредил“ убиството, велејќи дека тоа тврдење не се базира на факти, туку на емоции.
Нагласувајќи дека „тоа е огромна грешка“, саудискиот министер за надворешни работи изрази сочувство до семејството на Кашоги.
Тој истакна дека не ги знаат деталите за убиството и каде се наоѓа телото.
Заеднички турско-саудиски тим ја заврши истрагата за случајот во четвртокот, по претресот на Резиденцијата на генералниот конзул, како и на саудискиот Конзулат во Истанбул.