Ayhan Şimşek
22 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија соопшти дека ќе запре со извозот на оружје во Саудиска Арабија поради сомнеж во врска со објаснувањето на Ријад за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за новинарите по состанокот на нејзината Христијанско-демократска унија (CDU) во Берлин, канцеларката Ангела Меркел бараше итно разјаснување на убиството на Кашоги.
„Што се однесува до извозот на оружје, тој не може да се случи во моменталните услови“, изјави Меркел.
Таа, исто така, нагласи дека Берлин ќе одржи преговори со неговите меѓународни партнери за заеднички одговор.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Според извори од турската полиција, на денот на исчезнувањето на Кашоги, 15 Саудијци, меѓу кои и неколку официјални лица, пристигнале во Истанбул со два авиона и го посетиле Конзулатот, додека Кашоги сè уште бил внатре. Оттогаш, сите идентификувани лица ја напуштиле Турција.
Заеднички турско-саудиски тим ја заврши истрагата за случајот во четвртокот, по претресот на Резиденцијата на генералниот конзул, како и на саудискиот Конзулат во Истанбул.