Ekipa
22 Мај 2016•Ажурирај: 22 Мај 2016
АНКАРА (АА) - Во Анкара денеска се одржува вториот вонреден Конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија) на кој ќе биде избран нов претседател на партијата и наследник на Ахмет Давутоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
Од раните утрински часови илјадници партиски делегати, претставници и поддржувачи се собраа пред спортската сала во центарот на Анкара.
Членовите и симпатизерите на АК Партија со автобуси и други превозни средства пристигнуваат во Анкара и се собираат пред Арената.
Претконгресната атмосфера е пропратена со партиски песни, а во предниот дел на Арената се поставени големи екрани на кои Конгресот ќе го следат илјадници симпатизери на партијата, кој не се во можност да влезат во Арената.
Турската полиција презеде засилени мерки за безбедност во главниот град, а поддржувачите на партијата пред да влезат во арената поминуваат низ неколку контролни пунктови.
Конгресот се одржува под мотото "Продолжение на добриот пат", а во салата се поставени и билборди со слогани "Со жар како првиот ден" и "Еден народ, една татковина, едно знаме".
Конгресот ќе започне со едноминутно молчење во знак на сите жртви од терористичките напади и интонирање на турската национална химна.
Претседателот во заминување на АК Партијата воедно и турски премиер, Ахмет Давутоглу, ќе се обрати на собирот, а после него на собирот ќе се обрати кандидатот за негов наследник и актуелниот турски министер за транспорт, поморство и комуникации Бинали Јилдирим.