Besar Ademi
03 Мај 2016•Ажурирај: 04 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - По неколкудневната пауза од протести поради изминатите празници, илјадници граѓани организирани од страна на голем број невладини организации, вечерва излегоа на скопските улици продолжувајќи да го изразуваат својот преволт против одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичари против кои се водат истраги во моментов, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите извикувајќи го слоганот "Нема правда, нема мир", велат дека нивната политичка борба останува на улиците се додека претседателот Иванов не ја повлече одлуката за аболиција на политичарите и додека не поднесе оставка од функцијата претседател на држава. Во исто време, демонстрантите бараат одложување на изборите закажани за 5 јуни, бидејќи сметаат дека до предвидениот датум за одржување на изборите, нема време да се создадат услови за одржување на фер и демократски избори.
Како и другите денови и вечерва демонстрантите се собраа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на работата на оваа институција. Потоа, тие се упатија кон Министерството за правда и Собранието на Република Македонија, за да продолжат кон зградата на Основниот суд, која вечерва беше мета на т.н “Шарена револуција”, при што фрлаа различни бои. Протестот заврши мирно, пред зградата на Владата на Република Македонија.
На 12 април Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Ивановдонесе одлука да ги аболицира сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна. Тогаш во своето обраќањето до граѓаните,Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза. Сепак, одлуката на претседателот Иванов предизвика револт кај граѓаните кои своето незадоволство го изразуваат преку протести, кои освен во Скопје, се одржуваат и во другите градови низ земјата.