Besar Ademi
18 Декември 2015•Ажурирај: 19 Декември 2015
ТЕТОВО (АА) - Илјадници Тетовчани револтирани од катастрофалната еколошката состојба во градот, повторно излегоа на протести барајќи свеж воздух и на властите им порачаа да се вклучат во нивната работа за да се намали загадувањето на воздухот во овој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторот на протестот, претседателот на движењето "Еко Герила", Аријанит Џафери, во име на граѓаните на Тетово достави неколку барања до Владата на Република Македонија со термин до следниот петок, во спротивно тие со протести ќе ги блокираат сите градски улици и институции.
Џафери во име на илјадници граѓани собрани на плоштадот "Илирија" во центарот на Тетово, рече дека владата на Македонија му даде дополнителен рок на комбинатот "Југохром" до декември 2016 година да го исполни капацитетот за работа, но, како што додаде тој, со ова се прекршува законот и Уставот на земјата, вклучувајќи го и здравјето на граѓаните на овој регион.
Тој бара од Владата да престане веднаш процесот и работата на произведување во комбинатот Југохром до поставувањето на филтрите, дислокацијата на депонијата во влезот на градот што е можно поскоро и да се запира движењето на сите возила без еколошките стандарди.
"Овој ултиматум сфатете го многу сериозно или ќе се соочите со револтот на граѓаните на Тетово. Ако овие услови не се исполнат, денес ние даваме збор дека од идната недела ќе блокираме се во градот, општината, судовите, влезот и излезот на градот, како и патиштата што водат до комбинатот Југохром. Но ви ветуваме дека ќе дојдеме и во Скопје, ќе протестираме пред Владата ", рече Џафери.
Според него, сегашната Влада веќе долго време не успеа да стави крај на екоцидот граѓаните на Тетово, бидејќи како што рече тој, Владата арогантно ги игнорира нивните легитимни барања. Тој додаде дека овие загадувачи секој ден трујат и убиваат луѓе , без разлика од етничката, религиската и полова припадност.
"Зборувам во името на сите деца во Тетово. Ние не сакаме да играме со играчки, ние сакаме да одиме во нашите училишта. Единственото нешто што го сакаме е да дишеме слободно. Со овој, вака загаден воздух ние не можеме ни да дишеме, е како ќе растеме ние, кажете ми ве молам. Запрете го чадот кој не ни дозволува да дишеме слободно", рече едно мало дете пред граѓаните собрани на плоштадот "Илирија" во Тетово.