Kerem Kocalar
21 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
ГАЗИАНТЕП (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Aбдулхамит Ѓул, ги повика гласачите во Турција, на предвремените претседателски и парламентарни избори в недела, да излезат во што поголем број, јавува Anadolu Agеncy (AA).
Тој во интервју за телевизискиот канал „ТРТ Хабер“ (TRT Haber), истакна дека Турција е подготвена да спроведе транспарентен и демократски изборен процес, и додаде дека турските гласачи во странство веќе гласаа со рекорден одзив.
„Сигурноста на изборите е на високо ниво и сите гласачи слободно и достоинствено својот глас може да го дадат за кого сакаат. На сите избирачки места ќе бидат присутни набљудувачи од сите партии кои учествуваат на изборите, и на тој начин ќе се спречи каков било вид манипулација“, рече Ѓул.
Водачот на терористичката организација ПКК, Мурат Карајилан, претходно, од терористичката база во северноирачката планина Кандил, преку медиумите наклонети на оваа организација, ги повика гласачите да гласаат за Народната демократска партија (HDP), чие раководство, вклучувајќи го и уапсениот претседателски кандидат Селахатин Демирташ, се товари за поврзаност со терористите на ПКК.
„Нема ништо изненадувачки. Членовите на ХДП се демократи сè додека не добијат мандат во Парламентот, а потоа се потпираат на терористите, и тоа е нивната политика. Ниту досегашните парламентарци од редовите на ХДП во Парламентот не ги застапуваа интересите на гласачите, туку на нашите курдски браќа им копаа ровови пред куќите и рамо до рамо со терористите им ги рушеа нивните животи и домови“, рече Ѓул.
Турскиот министер за правда, Ѓул, додаде дека е изненадување тоа што и главната опозициска Републиканска народна партија (CHP) е во близок контакт со нив, но изрази уверување дека гласачите ќе го препознаат тоа.
Опозициската Републиканска народна партија (CHP) најмногу ја критикуваше турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti) поради вонредната состојба, која стапи на сила по обидот за воен удар во јули 2016 година.
Ѓул истакна дека таа опозиција сè уште не е во можност, сето она што се случи на 15 јули 2016 година, да го нарече воен удар, и дека тоа е голема дамка во нејзиниот политички живот.
Тој објасни дека вонредната состојба во Турција е воведена како неопходна мерка за ефикасна борба против тероризмот, но дека таа ситуација не влијае на секојдневниот живот на граѓаните, туку се однесува исклучиво на механизмите за борба против тероризмот.