Sarp Özer
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Припадниците на Вооружените сили на Република Турција (ТСК) запленија 41 протипешадиска мина во сопственост на терористичката организација ПКК во подрачјето Шемдинли, во југоисточната турска покраина Хакќари, јавува Anadolu Agency (AA).
Планинските падини и ридови на периферијата на покраината Хакќари, долж турско-ирачката граница, се важна рута на терористите на ПКК кои дејствуваат на југоисточниот дел од Турција и во северен Ирак.
Во изминатите неколку дена, турските безбедносни сили интензивирано вршат акции за да ги неутрализираат терористичките елементи во тој регион.
Врз основа на информациите што граѓаните ги доставија до жандармеријата, турските безбедносни сили рано утринава извршија акции за претрес во местото Остаклар во подрачјето Шемдинли. Притоа, турските сили пронајдоа и запленија 41 противпешадиска мина што терористите на ПКК ги сокриле во грмушките, а станува збор за мини од италијанско производство, тип „Валмара 69“.
Таквиот вид копнена мина е развиена со цел за онеспособување на пешадијата и оклопните возила, а терористите на ПКК ги користат во нападите против припадниците на турските безбедносни сили и цивилите.
Терористите на ПКК со поставување мински полиња се обидуваат да ги онеспособат турските војници кои им помагаат на ранетите соборци, и на тој начин се обидуваат да ги деморализираат војниците.
Сепаратистичката организација ПКК се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и во ЕУ, а станува збор за група којашто веќе повеќе од три децении води оружена кампања против Турција. Досега во акциите животот го загубија повеќе од 600 припадници на турските безбедносни сили, а неутрализирани се над 7.700 терористи.