Fatih Erel
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
КРАН-МОНТАНА (AA) – Властите на Република Турција ги негираа известувањата на грчките медиуми, кои објавија дека Турција повлекува 80 отсто од својата војска од Кипар, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хусеин Муфтуоглу, изјави дека не се вистинити информациите дека Турција предложила четири фази на повлекување на своите воени сили од поделениот остров. Тој додаде дека не е точен ниту процентот на наводното намалување на военото присуство на Турција на Кипар.
Известувањата на грчките медиуми и демантите од Анкара стигнуваат во сенка на мировните преговори за кипарското прашање, кои започнаа вчера во швајцарскиот град Кран-Монтана.
И денес, во тоа гратче на Алпите се состанаа челниците на Јужен Кипар, Никос Анастасијадис и неговиот колега од Северен Кипар, Мустафа Акинџи. Состанокот го води советникот и пратеник на генералниот секретар на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде, а присуствуваат и шефовите на турската и грчката дипломатја, Мевлут Чавушоглу и Никос Коѕијас.
Преговорите имаат за цел обединување на поделениот Кипар во федерална целина, а тоа решение во голема мера би ја одредило и иднината на односите на Турција со ЕУ.
Се очекува на преговорите утре да се приклучи и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој пред два дена ги повика сите страни да ја искористат можноста и да го обединат Кипар.
Последниот обид за обединување на Кипар неуспешно заврши во 2004 година, кога гласачите од Јужен Кипар на референдумот одбија да го прифатат планот што го предложи некогашниот секретар на ОН, Кофи Анан.
На отворањето на вчерашниот состанок, турскиот министер за надворешни работи изјави дека турската делегација дошла за да постигне договор за решавање на петдеценискиот проблем.
Островот Кипар е поделен во 1974 година, по избивањето на воениот удар во јужниот, грчки дел на Кипар, кој беше проследен со обид за прогон на кипарските Турци, а тоа беше повод за воена интервенција на Турција како земја гарант на мирот на тој остров.
Оттогаш постојат Јужен Кипар, кој е членка на ЕУ и Турска Република Северен Кипар. Турција го задржа военото присуство на островот како гарант на мирот и стабилноста. Актуелните власти на двата дела на Кипар и делегациите на Турција и на Грција работат на создавање на планот за обеднување на Кипар во федерална целина.