Sezgin Pancar
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
МЕРСИН (АА) – СЕЗГИН ПАНЏАР –
Калето Мамуре, едно од најголемите калиња во Турција кое се наоѓа во турскиот град Мерсин, на источното крајбрежје на Средоземното Море, е едно од најпосетуваните места во Турција поради неговата историја која вклучува бројни цивилизации и поради неговиот извонреден изглед, пишува Anadolu Agency (AA).
На површина од 23.500 метри квадратни, Калето е изградено во третиот или четвртиот век од страна на Римјаните за да ги набљудуваат трговските рути на Медитеранот и на Киликија.

Поради значајната позиција од аспект на одбраната, Калето било значаен објект за бројни цивилизации, почнувајќи од Римјаните, па сè до Караманидите. Калето повеќе пати било изложено на напади, а било обновено за време на периодот на Киликиското Eрменско Царство во 12 век.
Во 1221 година, Kалето билo под контрола на султанот на Селџуците, Аладин Кејкубат, а потоа било под контрола на христијанските единици во регионот, по ослабувањето на Селџуците.
Династијата на Караманидите, под водство на Махмут-бег, го опкружила Калето, и во 14 век повторно ја зела контролата врз него, а по обновувањето Калето го доби името Мамуре. Махмут-бег во Калето ја изгради единствената џамија со едно минаре, која стотици години била отворена за обреди.

Потоа, ова кале со години беше едно од најзначајните калиња на Османлиската држава.
Мамуре е едно од најголемите калиња зачувани од средновековниот период до денес, кое со неговиот поглед кон морето, 39 кули, неговите соби, местата за стрелците, цистерните и остатоците од амамот, го привлекува вниманието на бројни посетители.
Калето има големо значење и од археолошки аспект, бидејќи во себе вклучува различни архитектури, како римска, византиска, селџучка, караманидска и османлиска архитектура.
Поради оваа причина, ова кале од 2012 година се наоѓа на Привремената листа на УНЕСКО за светско наследство, а моментално е затворено за посетители поради реставраторски работи. Сепак, ова не ги спречи посетителите да дојдат, да го видат и фотографираат Калето од надворешната страна.

Фатма Јуртјапан, една од посетителите, во изјава за АА истакна дека Калето изгледа многу убаво однадвор, и е добро сочувано.
„Реставрацијата е направенa добро. Изгледа убаво однадвор, но не успеавме да го видиме одвнатре. Погледот на морето предизвикува емоции“, додаде Јуртјапан.
Јелиз Јени, друга посетителка, нагласи дека била возбудена кога го видела Калето, и додаде дека ѝ се допаднале погледот и позицијата на Калето.
Од друга страна, Ајфер Атеш истакна дека Калето било поголемо од очекуваното. „Калето е многу убаво, прекрасно. Патувам многу, сум посетил многу места, но можам да кажам дека ова е најголемото кале што го имам видено“, рече Атеш.