Can Erözden
05 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Турските власти денес распишаа награда од 12,8 милиони долари за фаќање на 74 бегалци од терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Бегалците од ФЕТО, поранешни воени припадници, 74 на број, денес се додадени на листата барани на турското Министерство за внатрешни работи од вторникот, со 12 лица во категоријата „најбарани“.
Еден пучист е ставен на портокаловата категорија на барани лица, додека 61 се додадени во сивата категорија.
Листата на барани лица е поделена на пет категории, со црвена категорија како категорија на најбараните лица, по која следуваат сината, зелената, портокаловата и сивата категорија.
Осомничениот Али Калјонџу, поранешен турски бригаден генерал, беше ставен на црвената листа со распишана награда за негово фаќање од 4 милиони турски лири (околу 770.560 долари).
Сметан за значаен припадник, Калјонџу на 15 јули 2016 година бил во главниот град Анкара, со цел да командува со тенковите и оклопните возила за заземање на многу клучни точки, меѓу кои и седиштето на турскиот Генералштаб.
Уште еден бегалец, поранешен воен припадник и бригаден генерал Мехмет Наил Јигит, кој им наредил на пучистите на 15 јули да уапсат неколку политичари, меѓу кои и поранешниот премиер Ахмет Давутоглу и поранешниот заменик-премиер Нуман Куртумлуш, е меѓу најбараните терористи.
Ахмет Зеки Герехан, поранешен полковник и Буркај Каратепе, поранешен капетан, се ставени на црвената листа на најбарани.
Каратепе беше дел од тимот назначен за атентат врз претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Поранешните мајори, кои пребегаа во Грција по обидот за државен удар, Генчај Бојук и Ахмет Ѓузел, поранешните капетани Абдула Јетик, Феридун Чобан, Сулејман Озкајнакчи и Угур Учан, како и поранешните наредници Билал Куругул и Месут Фират, исто така се ставени на црвената листа.
За секого од нив поединечно има распишано награда од 4 милиони турски лири (приближно 770.560 долари).
Бегалецот Исмаил Сари e ставен на портокаловата листа на барани лица со награда од 600.000 турски лири (околу 115.450 долари).
Останатите 61 пучист се ставени на сивата листа и за секого од нив има распишано награда од 300.000 турски лири (околу 57.700 долари).
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен кој живее во САД, стојат зад обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.