Esra Akgün
30 Јануари 2016•Ажурирај: 30 Јануари 2016
ПАРИЗ (АА) - Министерот за надворешни работи на Франција, Лорен Фабиус, изјави дека неговата земја во наредниот период ќе покрене иницијатива за организирање на меѓународна конференција за повторно започнување на мировните преговори помеѓу Израел и Палестина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фабиус во Париз се состана со шефовите на странските мисии кои се наоѓаат во Франција.
Во таа пригода зборуваше за можноста од повторно започнување на мировните преговори помеѓу Израел и Палестина, и го предупреди Израел дека доколку ги блокира преговорите, Франција би можела да ја признае Палестина.
Фабиус истакна дека Израел, за жал, продолжува со изградба на нови станбени објекти.
„Нема да дозволиме спречување на дводржавното решение, бидејќи ние како постојана членка на Советот за безбедност на ОН ја имаме таа одговорност. Франција поради тоа во следниот период ќе покрене иницијатива за организирање на меѓународна конференција за повторно покренување на мировните преговори”, рече Фабиус.
Додаде дека на оваа конференција ќе учествуваат и американски, арапски и европски сојузници, и дека целта на конференцијата ќе биде дводржавното решение.
„Ако нашите напори во изнаоѓањето на ова решение бидат блокирани, можно е и ние да преземеме одговорност по прашањето за признавање на Палестина”, заклучи Фабиус.