Murat Ünlü
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
СТРАЗБУР (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека решавањето на процесот во врска со обидот за државен удар од страна на ФЕТО ќе се одвива многу транспарентно и дека дури и во едни вакви тешки времиња за Турција, Европската конвенција за човекови права претставува водич, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу се сретна со сегашната претседателка на Европскиот совет, министерката за надворешни работи на Естонија, Марина Калјуранд и со генералниот секретар на Европскиот совет, Торбјорн Јагланд.
На прес-конференцијата што ја одржаа тројцата дипломати, по состанокот, Чавушоглу му се заблагодари на Советот за поддршката и солидарноста со Турција.
Јагланд изјави дека по обидот за државен удар имал намера да ја посети Турција, меѓутоа поради оптоварената политичка агенда не успеал да закаже средба, додека пак Калјуранд рече дека имала можност да ја посети Турција и со свои очи да види што се случува таму.
„Ние не ја заборавивме нашата посветеност на оваа организација (Советот), дури и во овие најтешки денови за турскиот народ“, нагласи Чавушоглу.
Тој потенцираше дека не е заборавено големото значење на владеењето на правото и давањето отчет пред судовите, и истакна дека дури и оние што се обиделе да извршат атентат на претседателот, биле фатени од страна на безбедносните сили за да бидат изнесени пред лицето на правдата без, во никој случај, да им се наштети.
Напоменувајќи дека таа вечер загинале само 30 пучисти, а 241 невини луѓе го загубиле својот живот, за што виновни се пучистите, Чавушоглу рече дека нивната цел било уништување на демократските институции.
Тој нагласи дека средбите со Европскиот совет се од огромно значење по обидот за државен удар, и додаде: „Ние соработуваме со Европскиот совет за овој процес да биде транспарентен“.
Објаснувајќи дека во рамките на оваа посета дојдени се и некои официјални лица од Министерството за правда од Турција, Чавушоглу истакна дека работните групи се заживеани и дека ставовите на Советот секогаш ги земаат предвид.
„Можете да бидете сигурни дека овој процес ќе се одвива многу транспарентно. Надзорот на Советот на Судот за човекови права во Европа е на место. Конвенцијата за човекови права е еден водич за Турција, дури и во овие тешки времиња“, рече Чавушоглу.
Тој исто така изјави дека во Турција претходно се случувале уште полоши државни удари, но дека ниту еден го немаше на нишан ставено цивилното население.
По претходните државни удари, членството на Турција во Европскиот совет беше суспендирано, но овојпат благодарение на храброста на турскиот народ, овој удар беше спречен и членството во Советот продолжува.