АНКАРА (AA) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп сака нормализација на односите со Турција, но дека за тоа мора подобро да владее со системот, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички деск на АА во Анкара, Чавушоглу ја коментираше актуелната ситуација во регионот и во светот.
Потсетувајќи дека Tурските вооружени сили во операцијата „Маслинова гранка“ од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ го ослободија Африн, Чавушоглу рече дека Турските сили сега истовремено го чистат тоа подрачје од заостанатите експлозивни средства, доставуваат хуманитарна помош, а дека надлежните институции работат на проекти за подобрување на условите и стандардите за животот на жителите.
„Секогаш истакнувавме дека Африн му припаѓа на неговото локално население. Избеганите цивили треба да се вратат во своите куќи. Го поддржуваме тој процес и локалното население ќе ја преземе локалната управа во тој регион. Зачувувањето на целовитоста на Сирија е важно за нас и за тие луѓе“, рече Чавушоглу.
Потсетувајќи на претходната операција на Турските сили „Штитот на Еуфрат“, што се одвиваше на северот од Сирија, Чавушоглу рече дека по ослободувањето на подрачјето од терористите, од Турција во тој регион доброволно се вратиле 132.000 бегалци и дека истиот процес треба да се случи и во Африн.
„На тие повратници мора да им дадеме целосна поддршка. Ја повикувам меѓународната заедница да се откаже од непотребните нагаѓања за ситуацијата во Африн, критикувањата на Турција и спуштањето на ниво на пропагандата на терористите на ЈПГ/ПКК, а заедно да работиме на проекти за помош на повратниците“, порача Чавушоглу.
Чавушоглу, исто така, рече дека Африн во текот на ослободувањето не е уништен, но дека пред масовното враќање на бегалците подрачјето мора да се обезбеди.
„Нашите сили сериозно ги сфатија тврдењата за наводните пљачкања во Африн. Ги анализиравме достапните снимки и фатени се луѓе од другите места, на пр. од Алепо, што доаѓале да пљачкаат. Турските сили и Слободната војска на Сирија нема да дозволат да се случуваат такви работи“, рече Чавушоглу и додаде дека терористите на ЈПГ/ПКК се оние што ги пљачкале жителите на Африн.
На прашањето за коментар на претходниот договор на Турција и САД за воспоставување безбедност во северносириските градови на источниот брег на Еуфрат, Чавушоглу рече дека страните ќе го продолжат дијалогот и по смената на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој и самиот призна дека САД не ги исполниле претходно дадените ветувања кон Турција.
„Предмет на преговорите беше и мапата на патот што ќе ја започнеме во Мунбиџ, а ќе продолжи во градовите на источниот брег на Еуфрат. ЈПГ првин мора да го напуштат тоа подрачје, потоа Турција и САД заеднички да делуваат. Во другата фаза задачата за безбедноста ќе биде предадена на локалното население и тоа според демографските критериуми“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу рече дека со воспоставувањето на безбедноста и неутрализирање на терористите на ЈПГ/ПКК ќе биде избегната потребата од воена операција.
За новоименуваниот американски државен секретар Мајк Помпео, Чавушоглу рече дека е свесен за важноста на Турција за САД, и дека тоа го покажал со тоа што Турција беше дестинација на неговата прва службена посета. Додаде дека меѓудржавните односи не се базираат на лични, туку на државни политики.
„Турската државна политика е јасна. На САД им укажавме на незадоволството поради различни изјави што доаѓаат за Турција и таквите појави се намалени во последно време. Трамп сака нормализација на односите со Турција, но мора подобро да владее со системот“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, исто така, порача дека за нормализација на турско-американските односи е потребно да се направат конкретни чекори, а дека сосема е јасно зошто тие односи се доведени во моменталната состојба и дека Турција не е одговорна за тоа.
„Нашиот претседател Ердоган телефонски разговараше со неговиот американски колега Трамп. Денеска, исто така, ќе има уште еден таков разговор. Важно е тој дијалог да продолжи, а уште поважно да донесе и резултати“, рече Чавушоглу.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Ирак, Чавушоглу потсети дека на меѓународната конференција за обнова на Ирак во Кувајт, Турција ветила најголеми донации.
Исто така, тој рече дека Турција ќе ја продолжи борбата против терористичката организација ПКК во ирачките региони Кандил и Синџар.
На прашањето да ги коментира турските очекувања од претстојниот Самит на лидерите на оваа земја и лидерите на ЕУ, кој ќе се одржи во Варна, Бугарија, Чавушоглу рече дека тоа ќе биде можност да се анализира што е направено во рамките на минатогодишното усогласување на мапата на патот и да се договорат нови чекори.
„Не е тајна дека имаме проблеми во односите помеѓу Турција и ЕУ. Преоптимистично би било да се каже дека ќе ги поправиме односите во сите области. Имаме заеднички чекори, но грешка е да се инсистира на работите околу кои не се согласуваме. Потребна е волја од двете страни, а проблемот е што таа постои само кај турската страна. Во сржта на проблемот се различните ставови во рамките на ЕУ“, рече Чавушоглу.
Коментирајќи ги билатералните односи помеѓу Турција и Германија, Чавушоглу рече дека тие не се совршени, но дека во однос на периодот од пред половина година, постои попозитивен амбиент и дијалог.
Нагласувајќи дека не треба да се дава голема важност на изјавите на поединци кои не ги одразуваат ставовите на институциите на ЕУ, Чавушоглу ја осуди вчерашната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со критиките за турската операција во Африн.
„Да ме прашаат чија изјава е тоа, би рекол дека ја пишувала ЈПГ/ПКК, бидејќи се работи за ист курс и реторика. Затоа Меркел и другите европски лидери мора да бидат внимателни. Знаеме дека терористите на ПКК ги сакаат многумина во рамките на Левичарската партија, Партијата на зелените и други политички субјекти во Европа. Се обидуваат ПКК да го отстранат од листата на терористички организации. Не е правилно функционерите да даваат изјави како радикални политичари“, рече Чавушоглу.