Selen Temizer
08 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за ЕУ и главен преговарач на Турција, Омер Челик денес во Анкара изјави дека Европската Унија сѐ повеќе се затвора во себе, оддалечувајќи се од вредностите на кои е втемелена, јавува Anadolu Agency (AA).
„Понекогаш ме прашуваат дали Турција сака да стане членка на ЕУ, а јас одговарам дека во тоа прашање е исклучително важен зборот 'Европа', бидејќи е прашање за која Европа се работи. Дали е тоа Европа што во своите глави ја формираат Саркози, Ле Пен или Вилдерс? Ако е таква Европа, тогаш Турција никогаш не сака да биде членка на таквата унија ниту на таквата унија да ѝ даде легитимитет. Но ако се работи за унија во согласност со вредностите поставени во нејзините темели, Европа оддалечена од примената на двојни стандарди, тогаш Турција е нејзин природен дел“, изјави Челик гостувајќи на уредничкиот колегиум на АА.
Тој ги повика земјите на ЕУ да престанат со систематското оневозможување на турските министри да учествуваат во активностите организирани во Европа.
Кога станува збор за Германија и случувањата во врска со спречувањето на учеството на турските официјални претставници во низа активности на тамошната турска дијаспора, Челик изјави дека Турција не го прифаќа изговорот оти одговорноста е на локалните управи и потсети дека е познато оти станува збор за систематско спречување.
Оценувајќи ја состојбата во врска со последните случувања во Германија како тешка криза, Челик укажа на потребата да се најде решение за таа состојба.
„ЕУ веќе долго време не е во можност да понуди ништо привлечно. ЕУ е затрупана со внатрешни проблеми“, изјави Челик потсетувајќи на растот на исламофобијата во земјите на ЕУ.
Тој предупреди и дека растот на екстремната десница во ЕУ всушност создава сѐ повеќе противници за членството во ЕУ.