Sinan Uslu
07 Јануари 2017•Ажурирај: 08 Јануари 2017
БАГДАД (АА) - Силите на пешмерга и централните ирачки сили ќе сторат се што е неопходно кога е во прашање расчистувањето на Сињар од терористичките елементи, порача денес во Багдад премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим, кој денес престојува во официјална посета на Багдад, се состана со премиерот на оваа земја Хајдар ал-Ибади, а по состанокот е одржана прес -конференција.
На самиот почеток Јилдирим се осврна на неодамнешната изјава на ирачкиот премиер Ибади дека Ирак нема да дозволи терористичката организација ПКК да нанесе штета на Турција преку територијата на оваа земја.
„Вашата изјава за нас е многу важна и поради тоа сме многу задоволни. Тоа најдобро покажува колку можеме заедно да сториме во борбата против тероризмот ” , изјави Јилдирим, и додаде:
„Суверенитетот на Ирак е многу важен. Нема да одобриме ниту ќе бидеме во било каква иницијатива која би можела да го наруши ирачкиот суверенитет. Исто така сакаме да знаете дека и територијалниот интегритет на Ирак за Турција е многу важен.”
Тој додаде дека за време на состанокот со Ибади разговарале и за едукацискиот камп Башика, во кој се наоѓа турската војска.
„Разговаравме и за оваа тема. Се работи за нешто што настанало од потреба. Гледаме дека се прават значајни чекори кога е во прашање чистењето на регионот од ДЕАШ. Во таа смисла на соодветен и пријателски начин ќе го решиме и ова прашање” , изјави Јилдирим.
Јилдирим се осврна и на елементите на терористичката организација ПКК во регионот Сињар.
„Силите на пешмерга и централните ирачки сили ќе сторат се што е неопходно кога е во прашање расчистувањето на Сињар од терористичките елементи. Тероризмот, од каде и да доаѓа за нас е ист. Во таа смисла, регионот Сињар за нас претставува опасност од прв степен и се заблагодаруваме на чуствителноста на премиерот Ибади кога е во прашање остранувањето на овие опасности. Подготвени сме на соработка. Не само во регионот Сињар, ќе ја продолжиме соработката во борбата против сите терористички активности на подрачјето на Ирак кои се закануваат на нашата земја”, истакна Јилдирим.