Ekipa
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
СЕУЛ (АА) - Властите на Јужна Кореја истакнуваат дека одлуката за инсталирање на американски одбранбен ракетен систем ќе ја разгледуваат само од аспект на националната безбедност и дека сите нејзини соседи, вклучувајќи ја и Кина мора да ја сфатат важноста на тоа прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Кинескиот амбасадор во Сеул, Киу Гухонг, во текот на вчерашната средба со раководството на јужнокорејската опозиција предупреди дека билатералните односи помеѓу двете земји би можеле да бидат „моментно загрозени” доколку Сеул одлучи да инсталира одбранбен ракетен систем на САД.
„Тоа е исклучително прашање кое ќе го разгледуваме од аспект на безбедноста и националните интереси, а Кина мора да ја сфати важноста на тоа прашање”, порача портпаролот на Кабинетот на претседателката на Јужна Кореја, Џеонг Јеон-гук.
Јужна Кореја веќе одредено време ја разгледува можноста, наспроти заканите од Северна Кореја, да го инсталира ракетниот систем THAAD.
На заканите на Кина дека тој потег би можел да ги доведе во прашање билатералните односи, одговори и владеачката јужнокорејска партија која ги оцени како „непристојни и неразумни”.
Официјален Пекинг стравува дека со инсталација на споменатиот ракетен систем на САД можна е шпионажа врз Кина, а властите на Јужна Кореја одговараат дека Кина оперира со ракетни системи кои имаат домет дури до Алјаска.
Разговорите за можното поставување на американски ракетен систем на југот на Кореја беше една од темите на синоќешниот состанок на министрите за надворешни работи на САД и Кина, Џон Кери и Ванг Ји.